КАТЧЕ ЗА ИГРА И КАФЕ

My place        

Mesto za relaksacija - Dunimagloski so soprugataМладиот Љупчо Дунимаглоски од неколку идеи што му “вртеле” низ главата се впушти во бизнис водите со забавното катче “My place”. По дипломирањето за оперативен менаџмент, неколку години инвестирал во сопствените дуќани. Биле доста запоставени, но ценејќи што се в центар, постепено ги средувал. Како “зависен” од дружби со големи друштва, токму “моето место” (My place) изникнало на една од седенките со другарите, кога некој се пошегувал местото да го претвори во кафеана.

– Имав идеја да создадам детски забавен парк, со игротека, со столчиња за учење. Но, беа потребни големи вложувања. Не го послушав ниту советот на другарот дека местото би било идеално за кафеана. Помислив на сите игри. Билјардот може да се игра за малку пари. Ми текна и на плејстејшн. Така дојде идејата за забавно катче покрај кафе – кажува сопственикот Дунимаглоски.

Првите штици за клупи ги направил сам. Со помош на зетот, ги средиле и ѕидовите. Идејата си ја врзал в крпче што за четири месеци направил бум. Ги викнал напомош девојката, сега сопруга, и зетотот и отворил такаречи клуб, игралиште, налик на втор дом, за релаксација  на раат. Предизвикал љубопитство. Потенцијалните муштерии се прашувале каде е тоа место. Друг им бил впечатокот кога го посетиле. Оној кој влегол еднаш, не оставил да не дојде пак. Посетителите уживаат во билјард, пикадо или играње на плјестејшн. Создал место за “чил-аут”, за кулирање со кафе, освежување со пијалок и бркање на негативната енергија додека се дружиш со другарите.

– Прво е квалитетот во кафето, пијалокот. Не одиме со голем профит. Понудата е со пристапни цени, за сите – додава Дунимаглоски.

Не е многу обемно местото, но атмосферата се создава благодарение на пријатната клима и широката понуда на игри за забава. Затоа и го нарекол мое место, каде никој не може некој да вознемири. Катче за опуштање и за најмалите и за малку постарите, кои свратуваат да фрлат некој зар на табла. Организира и турнири во билјардот. Осигурал гледаност на сите спортски канали на ТВ. Редовно се собираат млади на заедничко следење и навивање на некој популарен спортски настан. Со фудбалот, масите се резервирани. И билјардот зиме е пребукиран. Иста е приказната и со плејстејшнот. Затоа, набавил уште еден.

– Не е лесно да се тера бизнис. Потребни се време и посветеност. Нужна е трудољубивоста, отстранување на недостатоците. Бизнисот е како бебе, нужно е да бидеш со него нон-стоп – додава младиот стопан.

Посебна приказна е летната шема. Местото од “запустено” го уредил, гостите да се чувствуваат небаре на плажа со монтираниот ѕид од трски и листови. Внимава на деталите и локалот да паѓа в очи. Посетителите забораваат на времето и заседнуваат, посебно навечер. Жештините не се проблем денски, зашто објектот се најдува на приземје, со изолација на ѕидовите, одржува свежина, без сончево задевање.

Вели дека му се сменил животот. Станал свој стопан на своето. Наскоро и фамилија го очекува. Посветува внимание, грижејќи се да има коректен однос, да биде чисто и средено тип-топ. Со чесна работа, постојан труд и напор очекува успешно да функционира бизнисот, обезбедувајќи егизистенција за себе и за вработените. Планира да го прошири местото, но и да го збогати асортиманот со некоја уникатна друштвена игра, за поголемо задоволство на посетителите.

Loading