ВРЕМЕПЛОВ – РАДЕ ЦВЕТКОВИЌ (1932-2002)
Има фудбалери кои заради љубовта кон зелениот правоаголник, бубамарата и навивачите, нудат максимум без разлика каде и за кој тим да играат. Еден од нив е и Раде Цветковиќ од Крушевац, фудбалски печалбар, но и градител.
Така може и да започне приказната за Цветковиќ, кој пред отслужувањето на воениот рок бил во сараевски Железничар. Кажуваше дека пред вратите на првиот тим од Грбавица му стигнала покана да биде војник во Прилеп. Не ни сонувал дека првата средба со градот и со народот толку многу ќе го “врзе”, за да му стане и “папочна врвка”.
Како војник играл за месниот Ударник во битолскиот потсојуз. Во 1952 година станал прилепски зет. Па се преселил во Сисак да игра за Металац. Него и семејството ги влечел југот.
Велеше: “Ги спакувавме куферите и дома, во Прилеп. Овојпат во Победа, која претендираше на првото место во Четвртата зона со тренерот Стојан Богоевски – Гајда, но и со Трајче Бошкоски, Бранко Петкоски, Методија Крстески, Илија Димоски, Душан Дисоски, Томе Јакимоски, Миле Галески…”.
Есента се “покосиле” пред себе. Ги победиле во гости Слога во Скопје, Морава во Светозарево и Пелистер во Битола. На последното гостување со Трепча во Косовска Митровица, стигнал пораз и паднале надежите за есенската титула.
Од сеќавањето никогаш не избришал два несреќни меча. За едниот, вината била кај фудбалерите, а за другиот кај управата.
– Првиот во Белград кога во куп-натпревар со шампионот Партизан загубивме катастрофално, 0:11. Ги преценивме можностите. До повредата на голманот Тофоски беше 0:0. Го замени бекот Илија Димоски, кој не носеше вина за срамниот резултат. Вториот кикс со Раднички во Крагуевац, во Четвртата зона. Бодовите беа потребни, но не по секоја цена. Некој го лажирал мечот и нé вратија во МФЛ. А бевме четврти. Следеа остри казни – паметеше Цветковиќ.
Покрај службено одземените бодови и поразот од штипска Брегалница во Прилеп, Победа се созела и направила подвиг за почит. Наредната сезона била републички првак. Во квалификациите за Втората лига, станала херој, оти меѓу пет екипи била прва пред Слобода, Приштина… Тимот се борел лавовски, а играчите станале маѓепсници. Подвигот бил предизвик за незапамтен дочек во Прилеп и најмил подарок за градот.
Цветковиќ имал извонреден преглед на играта, бил неповторлив мајстор за проигрување и најзаслужен за брзиот подем на Томе Јакимоски. Повозрасните ги помнат дијагоналите од лево, кога во “оган” го фрлал Јакимоски, а овој во силен трк ќе ја оставел одбраната зад себе и доаѓал очи во очи со противничкиот голман. Еуфорија. Гледалиштето рипало на нозе, на прослава на головите.
Цветковиќ во 1960 година вторпат го напуштил Прилеп. Овојпат и Победа со одиграни 154 натпревари и 76 гола. Заминал со убедување дека се оддолжил на љубителите на фудбалот. Му било мило да каже дека со Победа играл пред 5000 за збогување. Не ја пропуштил шансата, кариерата да ја заврши со овдешната публика, која го наградувала со аплаузи во 1968 година. Пак заминал во прволигашот Раднички во Ниш, каде се вработил и ја окончал фудбалската кариера.
Големото срце на Цветковиќ не го издржало напорот при рекреативен тренинг со генерацијата фудбалери во Ниш. Престанало да чука, токму таму, каде што најмногу посакувал, на теренот.
Драги Башески
![]()

