Раздвиженост има низ полињата рано во зорите, пред првите петли. Градот на тутунот живна, додека брмчат тракторите, нетрпеливи да “прошетаат” по нивите што ќе донесат жолто злато. Низ зеленото море ѕиркаат главите на тутуноберачи, свиткани во половината. Низ прстите, крцкаат листовите тутун. Ливче по ливче, стиснати во калапче, го положуваат своето “тело” во дупчињата од касетките. Низ целото поле одекнува штракањето на прстите, додека се откинуваат ливчиња што ја допираат земјата. Придружна мелодија е синџирот на машината за нижење, со чии игли се создаваат низи, небаре ѓердан во жолто-зелени бои. Како што сонцето сé повеќе сјае, така се полнат приколките со свежо набран тутун, небаре зелен ќилим се постила.
Почна бербата, “летниот одмор” за прилепчани, на кој ќе се пржат на зелено море два-три месеци.