Сонцето да сјае и за Менде

– Семејството Ристески моли за средства за здравјето на синот, откако им замина ќерката од истата болест

Ima lek za MendeЗрак надеж блесна во семејството на Зоран и Гордана Ристески, откако открија дека во Италија е најден лек да му се олесни животот на нивниот 20 годишен син Менде, кој од раѓањето има тешка болест на мускулите. Низ тмурните облаци сонце ѕирка да влезе низ прозорците на куќата на Ристески за да ги огрее по траумата на заминувањето на нивната, исто така, болна ќерка Андријана пред две години. Животот од пекол веќе има шанси да се претвори во среќа и таткото и мајката Ристески конечно да се израдуваат на благодетта на потомството. На потег се сите добри луѓе кои семејството ги моли за поддршка за лекување на Менде. Според Гордана, за новиот лек да ја подобри здравствената состојба на челатта потребен е третман од по десет дена месечно, шест месеци, во болница во Истанбул. Терапијата чини околу 15 илјади евра. Тие пари се огромен товар што не може да го носат сопружниците Ристески.

Гордана, како секоја мајка, прекопува планини, чука на секоја врата, ја отвора утробата на земјата, контактира со стотици луѓе да дојде до овие средства и да ја ублажи болката на сега веќе единствениот потомок. Низ тагата што ја следи, ја бодри надежта и вербата дека конечно е најден илач за здравјето на своето чедо. Очекува природата да í се насмее, повеќе да не í го врти грбот, туку и во нејзиниот дом да плисне хармонија и семејна топлина како во сите други. Ако не успеа да го спаси едното дете, ниту со медицинските интервенции во Америка, очекува италијанскиот медикамент да í го куртули синот и со него да види бел ден и насмевка.       

– Менде е болен од ретка болест на мускулна слабост. Нашата медицина крена раце. Болеста не напредува, ниту е во регресија, туку стагнира. Со лекот се очекува невролошкото дејство на подобрување на здравствената слика. Момчето не се движи, не мрда и има потреба од храна со помош, а и тешко голта и пие. Лекот може да ја раздвижи атрофираната мускулатура и Менде да може со помош и за рака да се движи – излегуваат зборовите од  распараното срце од мака на Гордана.

Поради тешки здравствени проблеми, Менде никогаш не се израдува на животот како сите други на светот. Сјајните очи полни со солзи на веќе забрадениот младич, не се неутешни. Веруваат дека постојат луѓе кои се соживуваат со страдањата и ќе им подадат рака на поддршка во битката со немилосрдната болест. Семејството веќе е исцрпено. Сé што создава, го насочува кон здравјето на детето. Во потрага по чаре, минале низ стотици доктори, десетици цркви и манастири, бајачки и гатачки, лековити води и разно-разни билки. Не се предаваат и ќе бараат лек додека ги држат нозете.

Изгорените родители не се помируваат со судбината. Веруваат дека Менде ќе подзастане на нозе со лекувањето, покрај сериозната дијагноза. Ниту психофизичките трауми што ги доживуваат, не ги обесхрабруваат да ја продолжат битката. Овојпат се уверени дека лекот барем малку ќе им ја донесе никогаш не почувствуваната атмосфера на радост во домот и семејството ќе ги преброди танталовите маки. Убедени се дека ќе исчезне неизвесноста на сегашноста и од трнливиот пат ќе остане само мрачно минато во ведрата иднина.

ДОНАЦИЈА

Жиро сметка – Халк Банка

270700028772289

Гордана Ристеска

Loading