Вечерва во ЦК “Марко Цепенков” почнува Прилепското културно лето
Со отворањето на изложбата на 23 слики од Павле Кузманоски од Тетово во галеријата од Центарот, во 20 часот почнува традиционалната манифестација Прилепско културно лето, кое, според директорот Тони Чатлески, ќе понуди богата програма. Кузманоски е добитник на бројни награди.
Новинарот Каролина Мицевска за неговото творештво ќе забележи дека е многуслојно, полно со енергија, продуховеност и уметничка естетика.
На Прилепското културното лето до 4 септември ќе се одржат 30 настани – концерти, изложби, промоции на книги.
– Носечки се колонијата Дрен од 13 до 20 јули, каде ќе творат уметници од Македонија, Србија, Русија и првпат од Турција. Делата од осмата колонија ќе бидат презентирани на затворањето на културното лето. Ќе се одржи веќе етаблираната манифестација Изворен фолклор на балканските народи со учество на друштва од сите балкански земји. Ќе настапат КУД од земјата и од странство. Ќе се одржат промоции, меѓу кои и на нашето списание за литература, уметност и култура Стремеж. Ќе има духовна храна за сите вкусови – вели директорот Тони Чатлески, потенцирајќи дека манифестацијата ја организираат со сопствени средства.