И боговите се заљубуваат

Родос – грчки бисер во Медитеранот

– Историјата го дарувала Родос со богато наследство. Се спомнува во Тројанската војна, а го опишува и Хомер во Илијада

Atraktiven gradПосетата на Родос и запознавањето на овој преубав грчки остров, е уверување за единственоста. Вистински космополитски центар, туристички рај, како за Грците, така и за бројните странци… Се гордее со магично крајбрежје, боженствено море и фантастична клима, која на посетителите им овозможува да уживаат цела година. Но, Родос, секогаш и во секоја прилика, е и нешто повеќе.

Името го добил по митската нимфа Роди. Останала приказната дека занесната нимфа токму овде се впуштила во љубовна врска со Хелиос, богот на сонцето. Според грчката митологија, Хелиос е заштитник на Родос. Островот го дарувал со благородни зраци, го миел – заплискувал со брановите на својата светост, го украсувал со сино, давајќи му ја попатно својата сила и сјај. Така Родос израснал во бисер на Додекани со фантастична природа и непроценливо богатство на споменици како доказ за човековата моќ и дух…

Четврт е по големина грчки остров, незначително оддалечен од крајбрежјето на Мала Азија. Сочинува природна граница меѓу Егејското и Средоземното Море со крајбрежје од 220 километри и прекрасни песочни, камчести или карпести плажи. Родос има и планина со врв од 1.205 метри, извори, долини, вода за пиење и сто илјади гостопримливи жители.

И историјата му дарувала богато наследство. Се спомнува во Тројанската војна, а го опишува и Хомер во Илијада. Првите жители биле Минојците, а потоа господари на островот станале Дораните, кои на Родос основале три градови: Линдос, Јалисос и Камирос. Новиот период почнува од 408 година п.н.е. Во северниот дел направен е новиот град Родос, поради успешна одбрана од бројните војувачи. Еден е од најубавите во античкиот свет. Многу брзо израснал и во поморски, трговски и културен центар на Медитеранот.

Рицарите Јовановци од осум земји даваат нова димензија во историјата на Родос. Пристигнале на островот во 1204 година и го обновиле градот. Најубавите градби, сочувани и денес, потекнуваат токму од тој период. Јовановци останале на островот сé до 1522, кога Родос, во познатата опсада, го зазема Сулејман Величенствениот. Под власта на моќната Отоманска империја, бил до 1912 година кога го презеле Италијанците. Со надеж дека на Родос ќе останат за сите времиња, ја обновиле палатата Голем мајстор и во неа дури го поставиле и грбот на Виктор II Емануел. На крајот, Родос како и сите останати острови на Додеканез í припаднал на Грција. Тоа се случило во 1948 година.

Градот Родос е сместен на северниот дел од островот. Веројатно е еден од најубавите на Медитеранот. Силното сонце го осветлува цела година. Источното крајбрежје го заплискува Средоземното Море, а западното, ветровитиот Егеј. Пристаништето Мандраки е во источниот дел. На двете пристаништа на Мандраки се поставени фигури на елен и срна. Според преданијата, на тоа место, стоела познатата фигура Колос од Родос, едно од седумте чуда на античкиот свет. Во близина е влезот во Стариот град, со сплет од тесни улички и бројни палати во кои се влегува низ двор покриен со црвено-бел мозаик. Во Стариот град доминира палатата Голем мајстор, денес музеј, до која се стигнува по оригиналната улица Ипотом уште од 14 век.

Meka za turistiВтор по големина град е Линдос. Го нарекуваат уште и “најубаво село на светот”. Веројатно поради преубавите плажи во Заливот на апостолот Павле. Или, можеби, поради комбинацијата на рицарските ѕидини и античкиот храм над градот. Во тесните улички на Линдос се сместени многубројни продавници со најубави грчки производи од керамика.

Островот живее два сосема различни животи, едниот е во врева во летната сезона и вториот, спокоен семеен живот во зиме. Малку се оние кои на островот се занимаваат со традиционални занимања како риболов, пчеларство или сточарство. Уште помалку жените го сочувале она по што биле познати – оригиналните ткаенини и везот. За жал, темпото на современиот живот тоа не им го дозволува, бидејќи туризмот е основна економска гранка. 

Песочни плажи и мали чуда на природата

Украс се и две фантастични песочни плажи – Замбика и Афандоу. Таму е и прекрасната карпеста плажа Ентони Квин, на која се  снимени и секвенции од филмот “Топовите на Наварон”.

Природен островски феномен е долината на пеперутките. Низ неа тече рекичка, која на крајот прави езеро. Од јуни до почетокот на септември се размножуваат и живеат милиони црно-портокалови пеперутки.

Tipicen grcki plostadДоминираат стари цркви и манастири во речиси сите села во внатрешноста. Островот е полн и со хотели од сите категории. Од мај до октомври, во поголемите хотели настапуваат фолклорни ансамбли со оригинални програми задоени со традиција. Воодушевува мноштвото ресторани со богата грчка кујна, но и со специјалитети од многу делови од светот. За мераклиите на морски специјалитети се наменети таверните на секој чекор. Винарските визби се еден од заштитните знаци на островот. Едно од најпознатите вина е “Кавалиери”. Туристите имаат на располагање бурен ноќен живот со многу модерни барови, кафулиња, дискотеки, казина.    Стариот дел буи со продавници со сувенири и традиционални производи од кожа (сандали, ташни, јакни), како и бројни работилници со ткаени и везани производи. Градот има голема градска плажа, долга три километри, со лежалки и чадори за сонце, чие користење се наплаќа. Јужниот дел, Прасониси, е идеален за сурфање. На западната страна интересен е да се посети градот Монолитос со замок што се наоѓа на врвот од ѕидините, слично на Метеори. После тоа е селото Ембона, познато по добрата храна и вино. Планината Филеримос е атрактивна поради византиските манастири и остатоци од античкиот град Лалисос. За пристап до сите значајни места и плажи развиен е меѓуградскиот сообраќај. Со автобус се кружи околу островот за околу три часа.

Loading