ЕВРОПСКИ СУДИЈА ОД ИНАЕТ

ВРЕМЕПЛОВ – Петар Костоски – Перула – 1925 – 2004 г.

Od golman do svirce - Petar Kostoski - PerulaБеше задоволство да се разговара со некогашниот сограѓанин Петар Костовски – Перула. Горостасниот меѓународен фудбалски судија ги доживеа сите почести на познат, признат и почитуван фудбалски делител на правдата, пред кого спортските работници не се обидувале да побараат попуст. Фудбалерите во став мирно ги примале одлуките, кои биле строги, но фер и чесни. Затоа го знаеа како “господинот во црно”.

Растел како најстаро дете во семејството, покрај братот Ѓорѓи и двете сестри. На последниот разговор велеше дека имал среќно детство, во кое го привлекувала крпената топка.

– Ги кршевме прстите од нозете во дворот на старата гимназија. Маалската радост ја прекина Втората светска војна во 1941 година. Како другите врсници, ја нарамив пушката и заминав во партизани – велеше Костовски.

Иако живееше во Скопје, тој бил и остана  саглам прилепчанец.

– Синовите и внуците силно се емотивно врзани за Прилеп – најмилиот град во кој често престојуваме. Работев во Железничката секција кај Старо Корзо, која во 1948 година ја укинаа и ме преместија во Велес. Во 1964 година се преселив во Скопје – кажуваше Перула, кој бил голман на „Гоце Делчев“ во 1943 г., но не успеал да ги надмине легендарните Пецо Ракиџија, Беќарот и Келтане.

Паметеше дека 1953 г., во Велес, како претседател на ФК Железничар, судиите направија многу неправди, па го фатил прилепски инает и положил за фудбалски судија. Потоа бил и сојузен судија, па меѓународен со значката на ФИФА на градите. Сефте бил со свирчето во купот на шампионите меѓу англискиот Челзи и белгискиот Ројал Бриж. Добил признанија од двете екипи, од раководството на клубовите и делегатот. Тоа било безгранично задоволство на плодовите од животната љубов – фудбалот и судискиот позив.

– Не го заборавам пријателскиот меч во Скопје меѓу Вардар и Вулверхемптон. Скопјани победија 5:2. Го паметам џентламенскиот однос на Вукас од Хајдук, на Митиќ од Црвена звезда, на Кнежевиќ од нишки Раднички и на Ќурковиќ од мостарски Вележ. Најтешко беше со репрезентативецот Шекуларац, кој беше голем фудбалер, уште поголем немирко и фудбалски занесеник – си споменуваше Костоски.

Од кариерата, располагаше со збирка сувенири, кои ги красеа витрините на семејството, а и му ги враќаа спомените.

– Најмногу се радувам на подарените вратоврски на сплитски Хајдук и на признанијата од ФИФА и УЕФА – ќе речеше Перула.

Во спомените навраќаше на аферата со бундите кога „заглавија“ скопски судии.

– Не беа виновни, но кој ќе се фати, тој ќе плати. Не беше разбирлива аферата. Не би сакал никому да судам, но добро е секој да ја тргне раката од огнот на време – сликовито порачуваше Костовски.

Тој создавал судиски кадар, меѓу кои и миленикот, Трајче Маџоски. Се гордееше што го наследил во вистинската смисла на зборот.

Бил ќевлија што се подготвува публикација за градските спортски величини.

Драги Башески

Loading