Најпопуларните клубови кај градоначалникот
Како во најдобрите времиња, градот цврсто застанува зад двата најпопуларни и најголеми спортски колективи, ФК Победа и РК Прилеп, а по повод нивните последни успеси имаше прием во локалната самоуправа.
Победа честа ја заслужи со првото место на сениорската екипа во Третата лига и преку поминатиот бараж пласманот во Втората, како и првото место на Младинската школа за влез во Супер лигата. Има иднина за клубот со богата историја. Условите се подобруваат со двата помошни терени, а Градски е пред реновирање. Планиран е развоен буџет за влез во Првата лига.
– Победа е амблем на Прилеп и чест е да се носи дресот. Претстои договор околу финансирањето. Предвиденото е влезено во ребалансот на буџетот – најави градоначалникот Марјан Ристески. Победа со Дарко Крстески тренинзите ги почнува на 24 јуни.
Прилеп шести во плеј – офот од Супер лигата и вицешампион со младинската екипа придонесе за ракометна еуфорија. За три години, тргнувајќи од “нула”, се качи до високо место во друштво на најсилните екипи. Можеби и неочекувано се направи тој исчекор, имајќи го предвид играчкиот кадар и скромните финансиски можности, но до подвигот се стигна со натчовечки напори.
– Управата, спонзорите, тренерите и играчите со професионален пристап ја вратија гордоста на градот. Ги вратија и гледачите. Цел е пласман меѓу четирите најдобри, за европски куп – рече градоначалникот Ристески.
Нов ракометен шеф
Се најавува дека тренерите Ице Соколоски и Страшо Илиески на РК Прилеп ќе добијат поддршка со колега, домашен или отстрана, кој ќе биде шеф на Стручниот штаб. Најавени се две – три засилувања, голман, десен бек… Досега никој не замина. Подготовките се кон крајот на јули или на почетокот од август.
![]()

