Од ‘ркулец до огромно стебло

ivce1Педесет години!

Величествен јубилеј!

Да си спомнеме за Исусовата парабола за синаповото семе: “…Тоа е најмалото од сите семиња, но, кога ќе израсне, поголемо е од сите растенија…”.

А знае ли денешнава генерација каде се појави ‘ркулецот на семето од ова грандиозно стебло, на овој Македонски театарски фестивал “Војдан Чернодрински”?

Необично! Ќе објаснам, ќе ги потсетам денешниве љубители на театарот и денешниве театарски дејци. ‘Ркулецот се појави под Камениот мост на Вардар во Скопје.

Бевме на турнеја низ Македонија. Патувавме од Куманово за Тетово. Се задржавме во Скопје. Автобусот паркиран под мостот на Вардар. Директорот Михајло Михајлоски и колегата Рампо Конески требаше да се сретнат со раководството на тогашното Здружение на драмските уметници на Македонија (Илија Милчин и Борис Стефановски). Здружението имаше решено да се формира Театарски фестивал (тогаш Театарски игри). Убаво. Но, никој од театрите не сакаше, не се осмелуваше да ја прифати организацијата. Најмногу се плашеа од тоа дали ќе има публика. Не се точни понекои тврдења дека Здружението уште во самиот почеток решило Игрите да се одржуваат во Прилеп. Напротив! Се нудеа на повеќе театри, но никој не сакаше да ги прифати. Едноставно, се плашеа. Михајлоски и Конески биле замолени од  раководството на Здружението, прилепскиот театар да ја прифати организацијата. Се собравме во автобусот (паркиран под мостот), Директорот ни ја соопшти молбата. Требаше сите, како колектив, да гласаме. Се плашевме и ние. Сериозна беше работата. Проблеми ќе има многу. Замижавме пред проблемите и ги кренавме рацете. Изгласавме! Нашиот театар ќе биде домаќин на Игрите. Се роди фестивалот. Како кај секое новороденче присутни се и детските болести. Но, ентузијазмот голем, желбата да бидеме добри домаќини уште поголема. Ангажиран целиот колектив. Дежурства 24 часа. Ги пречекувавме и испраќавме гостите, колегите. Сами правевме сендвичи и набавувавме освежителни пијалаци. Додека актерите од соодветниот театар ја симнуваа шминката, ние во фоајето веќе ги поставувавме масите и го приготвувавме коктелот.

Ведра атмосфера! Необично ведра!

Евентуалниот најголем проблем (публиката) воопшто и не се почувствува. Домот на културата уште не беше изграден, а театарската сала беше претесна за да ги прими сите љубители на театарските претстави.

Се изгради Домот. Се реши проблемот со бројот на гледачите. Сега можеа да влезат во салата и тројно повеќе. И влегуваа.

А странични проблеми многу. Финансиски, организациони, па и кадровски. Сето тоа се совладуваше со огромен напор. Со огромен труд. Три години бев секретар на Советот на Игрите. Во тоа време, речиси сите организациони проблеми паѓаа токму на секретарот.

Некогаш со поголем успех, некогаш со помал, но опстојуваше Фестивалот. Растеше! За да порасне ваков како што е сега. Со поголеме општествена грижа, со професионализирано раководство и администрација како што прилега на една ваква смотра на професионалните театри од нашава земја.

Расте Фестивалот! Се разви и порасна ‘ркулецот и стана огромно, педесетгодишно стебло, кое секоја година се разгранува сé повеќе и повеќе. Стебло кое раѓа прекрасни плодови, восхитувачки актерски резултати.

Педесетти пат Прилеп е домаќин на Фестивалот, кој се роди и порасна овде.

Педесет години!

Благоја Ивчески

Loading