Нафтен пламен над театар

Васил Костов – сценограф и автор на првата статуетка на Талија за театарските игри

Nagradi i sekavanja - Vasil KostovПензионираниот сценограф на театарот, Васил Костов, го мина работниот век зад сцената. Пред половина век ја подготвувал пропагандата за Игрите, како што тогаш го викаа Македонскиот театарски фестивал. Во своите 76 години и четири децении стаж, зад себе оставил стотици сценографии за исто толку претстави. Двапати е наградуван за креациите за сценографиите, едната е за претставата “Од главата си патиме” во режија на Ацо Алексов, за која театарот првпат ја доби највисоката награда за најквалитетна претстава во целост во 1970 година.   

За Костов, импресивното јубилејно отворање на МТФ на плоштадот со спектакуларна музичко сценска програма со огномет е неспоредливо со тоа што се правело при раѓањето на фестивалот. Денешните техники не можеле да се сонуваат, но еве станаа јаве.

– Пред 50 години се обидувавме да направиме некаква атракција со палење оган во сад со песок и нафта над вратите во стариот театар. Тоа требаше да биде вечен пламен. Немавме пиротехничар. Импровизиравме. Тоа беа ентузијастички и наивни зафати за создавање на некаква привлечност и создавање на празнична театарска атмосфера – памети Костов.

Бил одговорен за пропагандата за рекламата, за информирањето.      

Talija  na  Kostov– Сега на големи камбани се афирмира МТФ преку медиумите, со флаери, публикации и какви уште не пропагандни материјали и алати, механизми и техники. А пред пет децении Игрите се рекламираа на платнени и лесонитни табли со текстови и содржини на програмата што ги пишував. Се поставуваа на неколку места во градот да се најави театарската фешта. Подготвката со техничарите во театарот траеше подолго време. Пишував по цели денови и ноќи. Помагаа и колеги, уметници, да се стигне навреме. Се пишуваа и големи платна, транспаренти кои се обесуваа од едната до другата страна на столбовите за светилки на корзото, на Булеварот, и на други фреквентни улици. Пишувавме на асфалтот, “театарски игри” на влезот во Прилеп кај Плетварско џаде заедно со Кире Ристески и со автобувчето што го имавме. Напишавме неколку на по стотина метри оддалеченост, но не спречи полицијата. Сме го загрозувале сообраќајот, сме можеле да предизвикаме сообраќајка со текстовите, кои им го одвлекувале вниманието на возачите – се сеќава Костов.

Како уметник и сценограф, му било нарачано да подготви идејно решение за награда за најдобра претстава.

– Така ја создадов Талија, како муза на веселите игри, со маските во едната рака, да биде статуетка во мермер, награда за најуспешните театри. Го направив решението како релјеф, го вајав оригиналот во гипс и после мајстор го работеше со чекан и глето во Мермерскиот комбинат. Димензиите беа околу 30-40 сантиметри  висока, на основа од 20-30 сантиметри. Една таква, што ја доби прилепскиот театар, ја има во витрините на театарот сега. Некаде пишувало дека авторот е непознат. Сега е прилика да објаснам дека бев авторот. Дури имаше и текст за мајсторот, а не за авторот. Потоа, уметникот Драган Попоски Дада направи решение за статуетка со Војдан Чернодрински и Талија се смени – не заборава Костов.         

Тој емотивно говори дека годинава не е баш среќен јубилејот, поради смртта на Џумерко, оти театарските работници се некако шокирани. 

Loading