– Достоинствено и активно стареење
Прилепското здружение на пензионери ги организира 20-тите регионални спортски игри на Могилата на непобедените. Бидејќи е најактивно, доби признание да биде домаќин за колегите од Битола, Ресен, Крушево, Демир Хисар. Небаре млади, поплава од луѓе од третата доба, полни со елан за дружење, ги мереа спортските сили во шестата, седмата, осмата, па и деветтата деценија од животот. Велат дека спортот им го продолжува векот и здравјето, без разлика на годините. Сила им дава и заедништвото, дружењето, забавата. Годините минуваат, но нужно е движењето.
Низ натпревари во 11 дисциплини, тргање на јаже, атлетика, тробој, двобој, фрлање со ѓуле, стрелаштво, пикадо, домино, шах, уживаа во ведрина и расположение.
Во светот на највозрасните, од очите им блика живот. Скокаат, се радуваат на секој поен, се смеат како мали деца, се гушкаат и развикуваат од ќеф за победата, си даваат петка. Зрачат среќа.
На 69-годишната Лилјана Костоска, веќе 12 години пикадото í е хоби, а без крстозборки сон не ја фаќа.
– Годините не се пречка, оти спортувањето е надеж, енергија, продолжување на животот. Пикадото бара активост, концентрираност, отсуство на трема. Вежбаме 2-3 пати неделно. Добар спорт е за жени, оти носи психичко задоволство и е како дијазепам за нервите – вели Костоска.
Горјанче Трајчески од Демир Хисар смета дека е најдобар за домино.
– Лани станав пензионер и ми е пријатно дружењето. Добар е животот. За домино треба следење на бројките на противникот. Мајсторијата е во меморијата – вели Трајчески.
Милка Ѓореска се пофали дека е единствен претседател жена меѓу 19 претседатели на разграноците. Колешките ја зеле за тргање јаже, оти требало сила, стабилност.
– Нова сум како спортист и ги слушам инструкциите. Бев слаткарка, а сега спортист. Со дружење, полесно и неосетно се старее. Сите спортуваме кога ќе станеме пензионери – довикна 62 годишната Ѓореска, заземајќи подобар став да го задржи јажето да не премине кај противниците.
– Не сум престанал со спорт. Го продолжувам она што го правам цел живот. Тргањето јаже бара издржливост, координација, техника. Психичкиот дел од силата го носи првиот, а останатите физичкиот дел – вели Стевчо Митрески од Битола.
– Пензионерите се задоволни, дозволувајќи си достоинствено и активно стареење. Расположени се за натпревар. Создаваат познанства, пријателства, па и другарување. Монотонијатата ја разбиваат. Пензионерските игри не се обичен спорт за старци. Тие се празник – вели Кирил Ѓорѓиоски, претседател на ЗП Прилеп.
Од селектираните 170, прилепчани беа 50 “спортисти”.
– Го подобруваме здравјето и физичката способност. Да не се мисли дека пензионерите не се способни повеќе. Ги извлекуваме од фотелји, да излезат во природа. Мерак – вели пензионираниот професор по физичко Борче Тодороски.
Битно е да излезат и да спортуваат. Не дека не се уморни после вежбањето, но се навикнуваат. Заморот им станува пријатен, а денот исполнет.
– Спортувајќи, се чувствувам помлада и посилна. Излегувам од дома да заборавам на проблемите. Покрај внуците, го засакав пикадото. Да трчам, не можам, но гледам со помагала – вели 67 годишната Аница Налбанти од Крушево.
– Трчам 80 метра, до 60 години. Атлетиката ми е љубов. Не се откажувам. Брза дисциплина е и бара снага. За годините не е лесно, оти кој не трчал, не може. Колку можам, се трудам. Рецепт е добра исхрана и тренинг – вели Мицо Мицоски од Прилеп.
Навратија пензионери од Благоевград, Бугарија. Некои првпат, други веќе седум години се гости. Се чудат на снагата на “колегите”, додека тргаат јаже, трчаат, прават гимнастика на умот, играјќи шах.
– Радосен бев додека гледав како играат. Имаат енергија, на која може да им се завиди. Ќе се збратимиме за дружба – вели Жело Желјев, пензионер од Бугарија.
И градоначалникот Марјан Ристески ги поздрави спортски настроените пензионери, додавајќи дека спортот помага кај сите возрасти.
Покрај конкуренцијата, прилепчани ги оставија далеку зад себе соседните здруженија, освојувајќи 14 први места, за разлика од Битолчани и Ресенчани со по 2 и 3 први места.