Блаже Милошески
Највозрасен активен фудбалер во општинава е Блаже Милошески, стопер од Кадица Забрчани. Има 50 години, исто колку прочуениот Англичанец Стенли Метјус. Со тимот успеа да влезе во плеј – офот на А лигата, но токму кога требаше да биде на најзначајните мечеви, отсуствуваше и малку предвреме ја заврши кариерата.
– Добив тешка повреда на рамото. Штета, сакав да í помогнам на екипата. Иако постар со 20-25 години од соиграчите, бев прифатен и ми даваа поддршка да издржам на оваа возраст – вели Милошески.
Кадица по традиција е тим каде играле највозрасни фудбалери, рекордери. Уште е на припомош Орде Котески, но дава предност на помладите. Пред него се откажале уште два – тројца во петтата деценија од животот. Останал верен и единствен од постарата генерација, Милошески.
– Како дете бев во Победа, младинец во 11 Октомври, сениор во Варош, но најмногу, дури 23 години минав во Кадица. Четирипати влеговме во плеј – оф, не примивме гол 10 кола. Живеевме како семејство, најубавиот дел од кариерата е таму – оценува Милошески.