Фудбал: Нема застој по пласманот во погорен ранг
– Постепено одиме кон Прва лига – вели тренерот Крстески
Рутински е завршен реванш бараж мечот со Беласица (1-1 со голот на И. Мирчески) и Победа очекувано е во друштвото на второлигашите. Како во старите добри времиња се славеше успехот, заедно со навивачите низ центарот на градот по враќањето од Скопје. Квалитетот беше потврден со триумфот вкупно од 5-2 можеби над најсилниот противник кој падна во ждрепката.
– Целта ја остваривме, а не беше лесно. Играчите покажаа здрав карактер низ цврста игра. Првиот дуел одлучи во последните десетина минути. На реваншот беше нужно максимално ангажирање за славен епилог – смета Дарко Крстески, тренерот на Победа.
Најавен е пригоден клупски коктел за одбележување на успехот. Потоа сите мисли се насочуваат кон новите предизвици. Има оптимизам дека со поддршката од градот и бизнис секторот, преку добра организација, клубот може да се врати на старите патеки. Прва етапа секако е враќањето во Првата лига. Само елитното друштво прилега на овој спортски бренд на Прилеп и разбирливо е што амбициите одат во таа насока. Извесни се засилувањата на екипата.
– Планираме посилен тим наесен, со неколку нови играчи. Претендираме да играме важна улога во втората лига. Ако се укаже шанса за Прва лига, нема да ја пропуштиме. Нема да е неуспех ако се пласираме неколку места подолу од врвот. Постепено одиме нагоре – потенцира Крстески.
Ждрепката за новото првенство е на почетокот од јули, а битката за бодови стартува на 15 август. Второлигаши се Пелистер, Тетекс, Македонија ЃП, Скопје, Еуромилк, Љубанци, Гостивар, Влазерими, Кожуф и Победа.