ВРЕМЕПЛОВ – ДИМИТАР ЛАШКОСКИ – ДИМАКОТ – 1929 – 2003 г.
Некогаш центархалфот на било која фудбалска екипа требало да биде корпулентен, храбар, со долг и сигурен чекор, да влегува во дуелите со навалите без “пардон”, на појасот да му виси “сабја дипленица”, топката да може да го одмине, но противникот никако…
Ваков калибар бил центархалфот, омилен од љубителите на фудбалот, кои имале среќа во 1950 година да го гледаат играчот од одбраната на Гоце Делчев – Победа, Димитар Лашкоски – Димакот. Бил постар брат на Гога Лашкоски – Чоче.
Фудбалскиот фанатик роден 1929 година во Прилеп, карикатуристот Јово Ношпал го нацртал со клуч во рака на 16 метри, а зад него голот е закатанет.
– Голот, вратата на Победа, не можеше никој да ја отклучи. Беше безкомпромисен борец, центархалф што го немала Победа ни пред него, ни по него – велат оние што го памтат талентот на Лашкоски постариот.
По ослободувањето бил ученик во ветеринарно училиште во Скопје. Првите чекори ги направил во Слога, со колегите од турско потекло. Но, умот го водел дома. Се вработил во Прилеп и заиграл во новата средина, Гоце Делчев. Сефте настапил на местото центархалф кое било резервирано за легендата Димче Москов – Малако. Играл првин со Трепча во Титова Митровица.
– Екипата беше страотна, зашто играа Келтаноски, М. Најчески, О. Ристески, Москоски, Буштрески, К. Здравески, Атанасоски, Цицоски, К. Трајкоски, Тренкоски, Камчески, О. Стојаноски, Д. Конески, Д. Лашкоски,… Велемајстори на трева, од кои, некои играа и по 20 години. Тешко за младите да се избориме за статусот првотимец – знаеше да рече Лашкоски.
Долго играа во Гоце Делчев – Победа браќата Димитар и Гога Лашкоски. Димакот велеше за помладиот брат Гога дека бил комплетен фудбалер. Со успех играл на повеќе места. Се разбирале, а и сите фудбалери биле како семејство. Пееле, се дружеле, се шегувале без лутење.
-Требаше да играме со “Раднички” во Крагуевац. Вечерта бевме колективно на кино. На средината од филмот еден од соиграчите свика: “Станете да си одиме, филмов ич не чини, че си ојме вхотел, че играме карти”. Содржината беше поднослива, но, подоцна разбравме дека тој незнаел да чита латиница – кажуваше Димакот.
Уште неколку мајтапи од непресушниот дух меѓу тренинзи и натпревари останале забележани на фудбалската фамилија Гоце Делчев – Победа. Немало ТВ, мобилки, кафулиња. Пред тимот да игра со Работнички во Скопје, удобно сместени во хотел, Келтане му рекол на Димакот дека кадата во бањата била многу голема, па затоа сакал да учи да плива. Нешто му шлапкало и кркорело, па со страв погледнал дека го нема Келтане низ сапуницата и меурите во кадата. Го извадил, а другарите паднале во смеа до помочување.
Димакот одиграл околу 300 натпревари плус стотина за Слога, и постигнал само два-три гола.
Победа подвижна и амбициозна екипа. Играла многу натпревари, а оваа генерација најчесто жали за квалификациите за влегување во Првата и Втората фудбалска лига.
Во 1955 година со скопски Вардар во Прилеп, во Четвртата зона победиле со 2:1. Гости биле репрезентативците, подоцна тренери, Кирил Симоноски – Џина и Иљеш Шпиц, кои ја пофалиле играта. Била ветена премија од 2.000 динари, а на полувремето 7.000 динари. Тоа биле првите пари за фудбалерите.
Лашкоски постариот ја звршил кариерата со 1959 година, по влеувањето во Втората фудбалска лига – Исток на мечот со белградски “Раднички” во Прилеп и со победа 5:4. Иако емотивно, искуството отстапило место на младоста.
Овој некогашен прилепски ас кој со успех се справуваше со многу фудбалски препреки, не успеа да се справи со ненадејната болест. Фудбалското срце престана да чука во 2003 година.
Драги Башески