Автентична моќ
Благој Чоревски – актер
Со интересна инвентивност, чија игра се базира на односот кон сцената како личен и интимен простор за делување е актерот Благој Чоревски. Еден е од ретките професионалци, без разлика дали создава театар, телевизиска серија, радио настап. Успева да се претстави како исклучителен актер полн со автентична моќ за креирање на различни ролји.
На театарската сцена дебитира на шест години, во култната претстава “Македонска крвава свадба” во 1953 година, каде татко му ја игра доминантната ролја на Осман бег, а малиот Благој е едно од трите деца на Богдан. Додека го продолжува основното и средното образование во Битола, постојано игра, создавајќи редица значајни епизодни улоги. Факултетското образование го завршува на Театарската академија во Софија во 1971 година. По дипломирањето, се вработува во Драмскиот театар – Скопје. На матичната сцена, како професионален актер, дебитира во улогата на Умер бег во вонредната поетска драма Болен Дојчин од Георги Сталев во режија на Димитар Станкоски. Вешт во сопственото мајсторство, непретенциозен, но крајно посветен, тој е еден од актерите на Драмскиот театар кој ја дефинира естетиката на театарот. Актерската специфика ја препознаваа и ја препознаваат телевизиските и филмските режисери. Театарската публика го памети по ликовите на Дарко од претставата Свадба од Васил Иљоски во режија на Димитрие Османли (1972), Камиј Шандебиз во прославената Болва во уво од Жорж Фејдо и многу многу други ролји, од кои со некои и денес е активен на репертоарот на театрите. Цели 15 години бил успешен директор на Драмскиот театар од Скопје (1983-1998), бил и заменик Министер за култура (1998-2000), како и Претседател на Собранието на град Скопје (2005-2008).
Успешен во скоро сите дејности, а најуспешен како актер, постојано е наградуван, ценет и од публиката и од критиката и од стручната јавност.
Театарот е и наука
Д-р Јелена Лужина – театролог
Создавањето на новиот театар, на модерниот пристап во театарот и поставувањето на координатите на светската театрологија, во нашата земја беа иницијатори за создавање на новата современа театролошка наука, за што една од најзаслужните е д-р Јелена Лужина, театролог и професорка на ФДУ Скопје. Таа е позната како втемелувач на сериозната современа македонска театролошка наука и со својата долгодишна работа покажува и докажува како треба да се создава од другата страна на сцената. Имајќи ја привилегијата да ја промовира театролошката научна мисла, Лужина е исклучителен пример на театролог кој работи за својот театар, театарот што треба да е посветен, професионален, сериозен и студиозен. Во Хрватска била менаџер во културни институции, драматург и наставник во високото образование. Од 1987, по сопствен избор, живее и работи во Македонија. Лужина е посветен професионалец од оние најревносните. Сите овие години покажува дека примарна љубов í е театарот и неговото зачувување и презентирање. На ФДУ го втемели Институтот за театрологија. Ја реализирала првата македонска дигитална театарска енциклопедија Театарот на почвата на Македонија, а го втемелила Музејот на МНТ, виртуелен/дигитален проект што треба да се развие во наредниве години.
Славен и надвор од границите
Мето Јовановски – актер
Еден од најистакнатите македонски актери, познат по својот оригинален пристап на актерската мајсторија, фокусиран кон откривањето на своите потенцијали и нивно постојано надградување е Мето Јованоски. Исклучителен уметник е од оние ретките што сакаме да ги гледаме и слушаме. Од првите денови на актерската професија, тој го востанови специфичниот актерски потенцијал, втемелен на експресивниот израз, автентичниот говорен инструментариум и вонвременската сценско-аудио-визуелна презентација. Создава свој печат што публиката низ генерациите го препознава и наградува. Дипломирал на Театарската академија во Софија, по што се вработил во Драмски театар од Скопје во 1971 година. Дебитира и на филмското платно со улога во филмот Македонскиот дел од пеколот. На сцената на Драмскиот театар останува до пензионирањето, но и до ден денес продолжува со својата креативност. Мето е активен актер кај нас и надвор од границите. Во матичниот театар, но и на другите сцени остварил повеќе од 50 улоги, режирал шест претстави и реализирал повеќе од дваесет филмски ролји.
Меѓу најпознатите негови актерски достигнувања се улогата на Јане во претставата Јане Задрогаз (1974), Хамлет во режија на Слободан Унковски (1977), вонредната изведба на Симон во денес антологиската претстава на Диво месо… За обемниот ангажман во македонската театарска, филмска и телевизиска продукција е наградуван со голем број на награди и признанија.
![]()

