Вчера почина доајенот на македонскиот театар Благоја Спиркоски Џумерко, (1946 – 2015). Тој остави длабока трага во прилепската и во македонската театарска уметност. По повод смртта на Џумерко денеска во 10.00 часот во театарот ќе се одржи комеморативна седница, а погребот е во 12 часот.
Џуме, како што милуваа да го викаат сограѓаните, замина во царството небесно, ама за навек ќе остане во историјата, забележан со многуте главни, споредни, епизодни улоги на театарската сцена и на ТВ сериите и филмовите.
Добитник е на најзначајното признание во 2011 година, наградата за животно дело на 46 МТФ “Војдан Чернодрински”. Градот му ја додели наградата за животно дело Трети ноември во 2006 година. Беше прв носител на наградата Петре Прличко.
Ќе остане незаборавен по улогата на Итар Пејо во “Солунски патрдии” во прилепскиот театар и во ТВ серијата.
Џумерко беше синоним за актерска популарност и омиленост кај публиката, која секогаш го наградуваше со аплауз. Ќе го паметиме по бравурозноста во неговата игра.