Цветна мелодија

Хортикулт   

Rajska ubavina vo cvetnoto carstvo na Kristina TaleskaНешто повеќе од обична цвеќарница е Хортикулт, оти нуди и хортикултурно уредување. Привлекува накитениот дуќан, “озеленет” со колоритни растенија, небаре рајска градина. Светол простор, исполнет со позитивна енергија, боди око да се влезе и да се ужива не само со поглед, туку и да се купи нешто за цветна декорација на домот, градината, дворот. Кристина Талеска, потпирајќи се на знаењата како техничар за хортикултура и дипломиран шумарски инженер за озеленување и унапредување на животната средина, веќе седум месеци низ сопствен бизнис го живее сонот. Одгледува “градина во дуќан”, која потоа ја нуди на муштериите. Афинитетот кон дизајнот на дворните површини направил цвеќарницата да е мал парк под затворено.

– Отсекогаш бев опкружена со растенија. Секогаш се сеело семе, цвеќиња, резници се правеле… Љубовта кон растенијата ја наследив од татко ми, кој е цвеќар. Сфатив дека треба да бидам сеопфатна, да донесам нешто што го нема кај конкурентите. И да продавам растенија, и да нудам совети за одгледување – вели Талеска.

Во цветното царството има зимзелени, сезонски садници, собни, букети со цвеќе, средства за прихрана, трева, семенски материјал. Целосен третман. Растението го продава со гратис упатство. Нуди и комплетно уредување на дворови, од подготовка на теренот, до посадување и сеење на растенија, и понатамошно одржување, како гаранција дека растението ќе биде живо. Накусо, младата инженерка се грижи за вашето растение. Идејата и целосниот дизајн, изработен во 3Д програма, е нејзино дело. Клиентот може да виде како би изгледал сега и како растенијата напредуваат и просторот се претвора во домашен парк по 3-4 години.

 – Има интерес за уредување на дворови. Малку сопираат финансиите и неинформираноста, но сфаќаат дека со стручен третман виреат растенијата. Муштериите следат светски тредови и се стремат да ги доведат сликите дома, во дворот, на улицата. Вложуваат, оти секое уредување е трајно решение. Одржувањето е само прихраната. Мажите сакаат тревата да биде тепих, а жените поживо, повесело со цвеќиња. Па, правиме баланс – додава Талеска.

Атрактивниот дизјан на дворовите ја прочул и стекнала солиднна бројка на клиенти од најмлади до најстари. Со нив одржува пријателски односи. Понежниот пол е мераклија за собни, а мажите зимзелени растенија. Едните го одржуваат, а другите ги купуваат. Младите бараат класичен аранжман, букети, а постарите – сакциско цвеќе. Почетниците почитуваат знаење. Предност í е стручното познавања на хортикултурата.  Непресушен извор се и “поискусните” одгледувачи.

– На понудата влијае и модата. Излегуваат нови хибриди, нов начин на уредување. Внимателна сум кон муштериите. Нужни се комуникација, ведрина и трепение. Со насмевка и разговор, тие се враќаат. Советите не се само турај вода, туку со инструкции, точно место, количински вода, светлина – вели “цвеќарката”.

Младата сопственичка ја крепи мислата дека работи за себе, како да пее цветна мелодија. Можноста за експериментирање и креација í даваат сила и инспирација, наедно и задоволство. Затоа се носи со идеја за сопствено производство на зимзелени растенија – туја, чемпрес, како и режан цвет, кала, крин, па и поголеми количества декоративни саксии, украси и мебел за во двор, за уникатно, тип-топ дотерување на дворовите. 

Loading