Се селектираат работници за Гентерм
Над 1.800 пријави биле доставени за вработување на општи работници во американската автомобилска компанија Гентерм за објавените 100 слободни работни места. Селекцијата се спроведува преку тестови и интервјуа. Првата група апликанти наскоро ќе замине на тримесечна обука во фабриката на Гентерм во Укранина.
Поради многуте апликации, изборот се врши во групи и постапно во зависност од степенот на образование, познавањето странски јазик и работното искуство. Од претставништвото на Гентерм во Прилеп апелираат на трпеливост, зашто сите пријавени ќе бидат повикани на интервју.
Инаку, во тек се подготовките на парцелата во технолошко – индустриската развојна зона кај Алинци каде компанијата ќе гради погон. Фабриката ќе биде на 20 илјади м2, од кои во првата фаза ќе се простира на 6.500м2. Инвестицијата е 20 милиони евра и ќе се произведуваат автомобилски делови за грејачи за волани и седишта.