Моделарство
Во спортот најмила победа е на гости. Тоа му успеа на моделарот од АК Прилеп, Бојан Димески. Во Пазарџик, Бугарија, на Светскиот куп во воздухопловно моделарство, во Ф-1-А едрилици за јуниори, ги надмина сите девет конкуренти, вклучително и домашните фаворити, кои останаа на второ и трето место. Беше многу тешко, каде целта е леталото да остане што подолго во воздух, низ седум турнуси, а противник е и ветрот.
– Времето беше лошо и трчавме како на маратон. Важна беше семејната поддршка од моите блиски, кои се некогашни моделари. Конкурентите имаа подобри модели, но пресуди искуството. Се справив со пристрасните судии, а во последниот старт моделот летна највисоко, го баравме цел час. Во конечниот збир имав за 180 секунди повеќе од Бугарите – вели Димески.
Потребна му е финансиска поддршка за да обезбеди уште еден модел и да учествува поредовно, во Хрватска, Босна, Турција и вторпат Бугарија, да собере бодови за медал и во конечниот пласман. Горд е што секаде е претставен како учесник од Македонија.
![]()

