ВРЕМЕПЛОВ – ВАСКО КУЗМАНОСКИ (1946-2002)
Малкумина можеле да се пофалат дека биле подеднакво успешни во спортот и бизнисот, каков што беше некогашниот, сега упокен, сограѓанин, спортист и спортски работник, Васко Кузманоски. Растеше во Прилеп, а живееше и работеше во Скопје. На крајот беше директор на компанијата Тутун. Беше најзаслужен за излегувањето на македонската одбојкарска репрезентација во Европа.
Пред прераната смрт, раскажуваше:
– Уште во претшколска возраст сонував да станам фудбалер. Со татко ми редовно одев на игралиште. Првите фудбалски чекори ги направив во 1960 година со тренерот Бела Илиќ – се потсетил на времето во кое се колебал меѓу фудбалот и одбојката, Кузманоски.
Бргу напредувал, зашто имал предиспозиции. Со 180 сантимери, од пионерската, минал во младинската школа на Кирил Анески. Кога се токмел да го облече дресот со број 5 и сакал да ги засени легендарните Димитар Лашкоски – Димакот, Кирил Трајкоски – Кике или Димче Москов – Малакот, месниот ривал Прилеп останал без центархалф. Извршил притисок и Кузманоски во 1963 година ја сменил клубската боја. Станува стандарден првотимец на помладиот прилепски лигаш.
Кажуваше:
– Не за долго, ни во Прилеп, ни во фудбалот. Врсниците го формираа ОК 11 Октомври. Ме наговараа да го оставам фудбалот и да се посветам на одбојката. Многу го почитував овој спорт – зборуваше Кузманоски. Како да бил роден за овој летечки спорт. За кусо време станал стандарден првотимец на ОК 11 Октомври, во кого другарството, младоста и квалитетот полека, но сигурно, од овој клуб направиле силна екипа која за неколку сезони се нашла пред вратите на тогашната Прва лига.
– Во 1966 година ги потврдивме квалитетите во Македонската лига, забележувајќи 12 победи. Загубивме две средби, и тоа од Вардар службено и од МИК Скопје со 1:3. На голема врата го најавивме чекорењето кон Првата лига – се потсетуваше на блесоците на прилепската одбојка, Кузманоски.
За жал, поради неискуство имало неуспешни квалификации, иако клубот не беше драстично послаб од противниците.
– Првпат во 1967 година, во Славонски Брод, бевме четири екипи. Го победивме Јединство од Тузла и се израдуваме со мисла дека сé е готово. Прилеп, пред фудбалот, пред Победа ќе гледа прволигашки натпревари. Но, се измамивме во сметките. Спачва од Винковци и Раднички од Кикинда нé победија и се вративме во Републичката лига, но не за долго – кажуваше одбојкарот Кузманоски.
Пак се играле квалификации во Првата лига, како прваци на Македонија. Во Марибор, 11 Октомври загуби трипати, а доби еден меч. Уште едно разочарување.
Кузманоски не останл во 11 Октомври. Поради студиите се отселил во Скопје, во Вардар, со кој стигна до врвот на Европа.
По завршувањето на кариерата, пет години бил претседател на Здружението на прволигашите и десет години претседател на скопски Вардар. Бил активен во стручниот штаб на одбојкарската репрезентација на Македонија, која најмногу поради неговиот ангажман успеа да излезе во одбојкарска Европа.
За жал, не го изоде до крај патот во одбојката, во која се вгради себе си. Ненадејно почина во 2002 година во Скопје.
Драги Башески
![]()

