Во поплавените населени места
Интервентна дератизација се врши во населените места Канатларци, Ерековци, Тополчани, Кадино село, Мало и Големо Коњари, кои беа поплавени, како и на целиот канализационен систем во Прилеп. Мамците се поставуваат во штали, амбари или помошни простории во селата и во канализацијата. Со мерките на Центарот за јавно здраве ќе се намали бројот на штетни глодари, посебно на црниот и сивиот глушец, како потенцијални преносители на заразните болести, туларемија, бруцелоза, лептоспироза, чума, салмонела, лигавка, шап, беснило и други..
Стручните екипи вршат дератизација според планот во населени места, зафатени со поплавите, кога се излеа водата од коритото на Црна Река. Дератизацијата ќе ја сведе на минимум можноста од заразни болести кои евентуално би потекнале од загрозените подрачја.
За интервентната дератизација се издвоени се 700 илјади денари од буџетот на општината.
Од 2007 г. во градот се спроведува систематска дератизација, преку третирање (поставување на мамци) во канализацијата. За две третирања годишно се издвојуваат околу милион денари.
– Целта на дератизацијата, покрај редуцирањето на глодарите, е и зголемување на степенот на здравствена заштита на населението и одржување на стабилна хигиено – епидемиолошка состојба во градот – вели градоначалникот Марјан Ристески.
Кон средината на мај ќе биде споведена авионска дезинсекција од Министерството за здравство.