Лопатица – комитското упориште

Ziva istorija za seloto Marul - Tome VeljanovskiНа три километри источно од селото Подмол, на северната страна во подножјето на врвот Бобишта на Селечка лежи селото Лопатица. Опколено со дабова и лескова шума, низ него течат рекички со чиста планинска вода кои му даваат живот на селото. Полето е богато со разновидни крушкови корени. Лопатичкото поле дава убава пченица и квалитетен тутун. А во планинските ниви, голем е приносот на лопатичкиот овез. Некогаш, од местото Еленик – мојнско преку лопатичко, бонечко, писокалско до над селото Штавица, покрај дабова, имало и букова шума.

Според легендата раскажувана од повеќе стари лопатичани, како најстар жител, основач на населбата пред милениумски години бил некој овчар лопатик. Се населил до крајбрежјето на тогашното пелагониско езеро. Фамилијата се размножила и со времето преминале во населба, која го добила името по неговата жена Лопатина – Лопатец за полесно изговарање.

Од потомството се појавиле квалитетни дрводелски мајстори, кои од буковото и дабовото дрво правеле кајчиња и лопатки за управување, воденичка кола и сите домашни дрвени работи што биле потребни во тоа време. Направените дрвени предмети ги товарале на кајчината и пловеле на пазарите на тогашните градови да ги продаваат. Една група од трговци на западната страна на пелагониското езеро нашла место богато со бука и се доселиле и основале нова населба со истото име Лопатица. Денес е позната како битолска Лопатица. Во денешното село Црнобуки, во близината каде се основало селото Нова Лопатица, имало буково дрво за нивниот занает. Со текот на годините, родството се оддалечило, контактот се намалил и изгубил. Останале само имињата заеднички на двете села.

Со времето, буковата шума исчезнала. Останала само дел од буковата шума над селото Штавица, каде се задржало името да сведочи дека тука имало букова шума. Местото се вика Буковдол. Водата на пелагониското езеро исчезнала. Жителите на Лопатица се преориентирале на сточарство и земјоделие. Синорот го прошириле во пет километри во должина и четири километри во ширина. Кога се ширело христијанството ја примиле христијанската вера, се покрстиле и изградиле црква за христијанските обичаи. Одредиле и место за селски гробишта.

Со доаѓањето на османлиите во нашите краеви, подпаднале под нивна власт до 1912 година. За време на мариовската буна во 1564/5 година, две семејства од мариовскиот крај, барајќи спас од турските зулуми, се доселиле во Лопатица. Поповци дошле од изгореното село Лисиче, кои имале по традиција попово наследство до последниот поп Димитрија кој починал во 1921 година и е погребан во лопатичката црква на источната страна до олтарот. Племето Алтаманови се доселило од селото Рожден. Во Лопатица познати се Колевци, Котевци, Велковци, Измировци во битолско Алинци, Чурлиновци во селото Штавица, Драпачовци во Чумовокоте во Марул и тн.

Лопатица дала осум комити против турскиот режим. Племето Шутковци дало пет комити – таткото Толе и синовите Веле, Мијоле, Наумче и Миле. Сите биле комити во четата на прилепскиот војвода Ристе Оклев. Комитата Веле Шутакоски бил поранешен мајстор за изработка на гајди и гајдаџија во Прилеп и пошироко. Во четата на мариовскиот војвода Толе Паша, комити лопатички биле тројца – Грујо Шијакоски учител, братучед му Петре и Божин Степаноски. Прилепскиот дограмаџија Спасе што го ликвидира полјакот Катил Шериф во Честак, чумовечко, во 1903 година, по потекло бил лопатичанец. Пред и по илинденското востание во 1903 година, за јужниот прилепски регион главно седиште било во Лопатица. За важни работи на организацијата, реонските војводи и селските началници се сретнувале во базата во Лопатица за донесување некои одлуки.

Војводите Толе Паша, Ѓорѓи Мијакоски, Катил Ѓорѓи, Трајко Крало, Крсте Шаќир, Никола Каранџулов, Ристе Окле, Милан Ѓурлукот, Петре Ацев и други честопати во ноќните времиња биле лопатички гости. Од ваквите политички работи селото Лопатица го викале комитско село. Четите на војводите потпомогнати од околните села, извојувале победа. Грчките чети се дале во бегство. Оставиле капи, обувки, пушки, дури биле најдени и бечви и барале спас во турското село Мусинци. Со тоа бил спречен грчкиот национализам за пустошење на македонските села под тоа поднебје и Прилеп кој и бил противник на грчката патријаршија. За оваа победа над грчките чети во Лопатица се испеала и песна Лопатица 1904.

Комитите Грујо и Петре Шијакоски загинале заедно со Толе Паша во селото Гуѓаково, мариовско, при судирот со турскиот аскер во октомври 1904 година. А комитата Божин Степаноски преживеал во борбата и пребегал во Бугарија каде има потомство во Софија. За време на Првата Светска Војна од Лопатица биле регрутирани 29 војници, на српска и на бугарска страна. Војната ја преживеале 27, а двајца, Трајко Попоски и Недан Грозданоски, загинале на фронтот. За време на Втората Светска Војна, лопатичани дадоа партизани за да ја дочекаат македонската национална слобода.

По ослободувањето се изгради училиште. Прв учител беше прилепчанецот Благоја Јованоски – Пипино, со лопатичко потекло. Од 41 домаќинство, во колективот влегле 38. Со престанокот на колективот во 1953 година, лопатичани се враќаат на приватизација со земјоделие и сточарство. Во седумдесеттите години почна селидбата за Прилеп, Битола, Германија, Австралија. Сега има уште неколку фамилии. Лопатичани се организираат на средба на Духовден. Со јадење, пиење и музика го прославуваат селскиот славен ден Св. Никола летен.

Лопатица 1904

А бре грчиња, вие клети кучиња

и тие со вас одродени македончиња,

што мајка беше таа што ве родила

и со какво млеко таа ве задоила.

 

Дење сте мирни бубалки мили,

ноќе сте клети ѓаволи гнили,

село по село во оган ги ставате,

село по село со крв ги облевате.

 

Дојде време и за нашето село,

алал да ви е за јунаштвото ваше

што го покажавте вие

со нападот на селото наше.

 

Со пушки дојдовте, празни си појдовте,

со опинци дојдовте, боси си појдовте,

со капи дојдовте, гологлави си појдовте,

со бечви дојдовте, со голи газови си појдовте.

 

Срам ќе им биде на вашите жени,

назад дома вас да ве примат,

за да се спасат, во Сургун ќе ве пратат,

дома ќе си земат други момчиња,

млади ергенчиња, лични лопатичанчиња.

Томе Велјановски – Марулецот

Гетеборг, Шведска 

Loading