СИНДИКАТОТ СЕ ПРЕОКРЕНАЛ

ivce1Во последно време, на нашиве телевизии, доминираат контактните програми и народните приказни. Во приказните слушаме доста јазични грешки, но тие можат да се избројат. Во контактните емисии грешките се безбројни. Навистина не можат да се добројат. Се јавуваат луѓе од разни средини, од разни општествени слоеви. Настојуваме да ги регистрираме грешките само од оние луѓе за кои препознаваме дека се интелектуалци и кои биле на некои повисоки функции. Се разбира, тоа го препознаваме од нивното искажување, од нивното легитимирање.

Следиме контактна емисија. Темата е во врска со бојкотот на средношколците. Се коментира за барањата на учениците, за односот спрема овој проблем од страна на Министерството за образование и од Синдикатот. Се јавува слушател кој вели дека оваа проблематика му е позната. Го критикува синдикатот. Вели дека СОНК се ПРЕОКРЕНАЛ. СОНК направил ПРЕОКРЕТ во своето дејствување. Не навлегуваме во соодветната проблематика, но се прашуваме, од каде му падна на ум на гледачот зборот ПРЕОКРЕТ (се преокренал)?! Немаме ние во нашиот јазик ни именка ОКРЕТ, ниту пак ПРЕОКРЕТ. Немаме ни глагол СЕ ПРЕОКРЕНАЛ. Синдикатот го сменил (ако го сменил) својот став. Накратко, направил ПРЕСВРТ, а не ПРЕОКРЕТ.

Водителот на емисијата, за да ни дообјасни нешто во врска со бојкотот на средношколците, чита еден текст, односно парола која била напишана од страна на учениците. Паролата гласела: “ Кој бојкотира има право да бира”. Можеби! Но, треба да ИЗБЕРАТ и почист, поточен македонски јазик. Во македонскиот јазик не постои глагол БИРА. Не постои во таква форма. Тој секогаш се употребува префиксиран. Значи, не е БИРА, туку ИЗБИРА (одбира, пребира). Употребувајќи го глаголот БИРА, учениците веројатно сакале да постигнат некаква рима: БОЈКОТИРА – БИРА. Тоа можеле да го постигнат и со глаголот ИЗБИРА (бојкотира – избира)! Драги млади Македонци, бидете повнимателни во својот избор. ИЗБИРАЈТЕ (не бирајте) што е правилно.

Во една друга контактна емисија слушаме излагање на гледач кој се претстави дека бил (во некое време) на висока позиција. Зборуваше за проблемите на некој негов пријател. Вели дека пријателот долго време работел во државно. а потоа станал ПРИВАТЊАК. Именките од ваков вид ги слушаме доста често, но треба да знаеме дека не им е местото во нашиот јазик. Немаме ние именки кои имаат наставка – ЊАК. Овде станува збор за именка изведена од придавка. Од придавката – ПРИВАТНО. Именките изведени од придавки можат да имаат разни наставки. Нема да ги разгледуваме сите. Сега нé интересираат именките (добиени од придавки) кои имаат наставка НИК. На пример: ПРАЗНО – ПРАЗНИК,  ЈАСНО – ЈАСНИК, ВЕСЕЛО – ВЕСЕЛНИК. Според тоа, од придавката ПРИВАТНО, ќе добиеме именка – ПРИВАТНИК, а не ПРИВАТЊАК. Наставка НИК имаат и многу именки добиени од именки: ПАТ – ПАТНИК, ЉУБОВ – ЉУБОВНИК и многу други. Тоа е веќе друга тема. Ги споменуваме само поради именката ИМЕЊАК. Тоа е единствена именка која завршува со наставка ЊАК. И таа е изведена од именка, од именката ИМЕ. Според правилото треба да гласи ИМЕНИК, со наставка НИК. Но, таквата именка се затврдила со едно друго, поинакво значење – ИМЕНИК. Список на имиња. Поради тоа, човек кој носи исто име со некој друг се вика ИМЕЊАК (со ЊАК), а не ИМЕНИК.

Ќе набележиме уште една грешка која многу често, незабележливо, се поткраднува. Еве две реченици како пример: “Брзината ограничена, но ретко кој се придржува на тоа” и “Ретко кој од тие центри бил реновиран”. Каде е грешката? Не треба РЕТКО КОЈ, туку РЕТКО НЕКОЈ. “Брзината ограничена, но РЕТКО НЕКОЈ се придржува на тоа“.

Ете, РЕТКО НЕКОЈ да ја препознава оваа грешка и затоа често ја слушаме!

Благоја Ивчески

Loading