Нема успех, без задоволни вработени

Сашо Наумоски, генерален директор на „Витаминка”

Vrabotenite doagaat na rabota so lesnotija - Saso Naumoski - generalen direktor na Vitaminka“На Витаминка и понатаму, ќе ѝ биде приоритет грижата за своите вработени. Тие се најголемиот ресурс на една компанија. Без задоволни вработени, нема успех. Тоа е докажано многу години. Сите придобивки и благодети кои можат да ги уживаат од наша страна, ќе ги имаат и сите законски обврски, вклучувајќи К-15, топол оброк, превоз до работното место и понатаму ќе ги користат. И сé што носи современото размислување, современиот начин на управување и грижа за своите вработени. Витаминка е предвесник, прва ги воведува тие авангардни стандарди”.

Ова го изјави генералниот директор на Витаминка, Сашо Наумоски, за Зенит на поканата за разговор на темата релациите на менаџерите и работниците. Зашто менаџерите ги создаваат, ги прошируваат и ги реализираат законските права на работниците.

Први мај од еден друг агол, низ оптиката на раководителите. Дали работниците буквално се тресат кога доаѓаат на работа или работат комотно да ги остварат нормите?

Нашите вработени доаѓаат на работа со големо ниво на одговорност. Свесни се за одговорноста на работата што ја извршуваат, дека работат во компанија за производство на храна и би сакал така и да продолжи. Нема основа, ни причина, да се создава непотребен притисок врз вработените, што секогаш е контрапродуктивен. Работиме со производство на храна, што е задоволство, но бара и голема посветеност на работата и внимание, затоа создадовме опуштена атмосфера и сакаме нашите вработени на работа да доаѓаат со леснотија, задоволство како и со висока одговорност. Така и ќе продолжиме и понатаму.

Како се поддржува тоа чувство за висока одговорност, дисциплина? Дали се наградува, казнува, дали се следат сите современи текови за безбедност, оти се работи за храна?

Принципот награда-казна, не секаде и  во секоја компанија може да биде применет. Сепак, во Витаминка изнаоѓаме начини да ги стимулираме и поттикнеме позитивните навики кај вработените. Постојано се трудиме да им ја пренесеме големата одговорност на работата, да им укажеме на потребата од постојано внимание и да им предочиме дека мало невнимание или негрижа во нашата работа, може да се одрази врз многу други. Во таква ситуација, казната не помага. Превентивно делуваме преку зголемување на свесноста, да не дојде до грешка, а откако ќе се случи, проблемот го решаваме многу попедагошки и тактички, тоа јас не би го нарекол казна. Витаминка во моментов има повеќе од 600 вработени, а грешки се случуваат, но тоа се мали, незначителни за кои заеднички, со вработените наоѓаме решение, а тоа да не биде казна. Во разговори со менаџерите на други компании дознавам  дека имале многу поголеми проблеми. Веројатно, начинот на менаџирање, комуникацијата со вработените и наградувањето предизвикале кај нашите вработени чувство на одговорност и посветеност на работата, па така ние да имаме подобри резултати и многу помал број на казни кон нашите вработени.

Дали наградите и казните имаат ефект во одговорноста, стимулациите на вработените? Да не се повтори грешката, а наградените уште повеќе да се ангажираат?

Сите сме човечки суштества. Сите сме со чувства, со семејства и сите имаме свои проблеми. Некогаш, домашните проблеми, иако инсистираме да ги оставиме дома, преовладуваат во нашите чувства и одговорност. Можеби некогаш несвесно, преокупирани со домашните проблеми, правиме некои пропусти во работењето. Во службата за хумани ресурси, кадрово работење, со согледувањето на фактите за одредениот пропуст и грешките, одлучуваме и одредуваме дали вработениот ќе биде казнет. Многу често не изрекуваме казна, туку само укор. Тоа делува многу попозитивно, попедагошки и има поголем ефект. Нормално, кога тоа е неизбежно, кога грешките се повторуваат повеќе пати, применуваме и други методи. Гледаме да му помогнеме на тој вработен, заедно ги бараме причините за грешките, го преместуваме на друго работно место, каде може да даде подобри ефекти, подобри резултати и каде неговите квалитети и квалификации ќе дојдат до полн израз, затоа што ние веруваме дека секој вработен има свои квалитети и таленти кои што треба да ја најдат својата функција во нашата компанија, во производствениот процес и слично. Тоа е најдобриот и најефективен начин за справување со грешките од вработените.

Дали наградувањата предизвикуваат уште посилна трудољубивост, амбициозност?

Покрај месечните примања и наградувањата, имаме и награди за најдобар работник на месецот, за посебни придонеси на вработените за зголемување на продуктивноста, за заштеди. Постојат такви номинации за вработени кои ќе направат да порасне продуктивноста, да се зголемат заштедите на енергија. Правиме и зафати, чии ефект вработените директно не ги гледаат, но ги знаат. Прва компанија сме која ги зачлени сите свои вработени линеарно во првите 2-3 години во еден приватен пензиски фонд. Од првиот до последниот вработен имавме уплата во Третиот пензиски фонд. Вработените ќе ги видат ефектите по пензионирањето. По одреден период, Фондот укажа дека уплатата од фиксна за секој вработен може да се трансформира во процентуална. Така и направивме. Секој, во однос на платата, во однос на процентот на месечните примања, да има различен приход во третиот пензиски фонд. Тоа е само еден од бенефитите. Можам да се пофалам дека иако сме 600 вработени, во прилепската општина имаме најголема просечна плата по вработен. Постоењето на конкуренцијата, дали домашна или странска, дури и во овој сегмент може да даде поттик и стимул. Колку и да сме направиле за вработените на Витаминка да бидат задоволни и со леснотија да доаѓаат на работа, можеби има уште нешто што може да го направиме, па би било добро да имаме на кого да се огледаме и чии позитивни искуства да примениме. Од друга страна, појавата на нов инвеститор во Прилеп е повеќе од потребна, а доколку тој барем малку се огледа на нас и како во Витаминка се средени меѓучовечките односи и ги примени нашите искуства, создаде задоволни и среќни вработени, тоа би придонело за генерално подобрување на состојбата во градов. Воедно, ние и понатаму би биле фирма со која Прилеп и нашите вработените би се гордееле, оти се дел од ова семејство.

Какви се односите со синдикатот?

Имаме одлична соработка со Синдикатот. Го почитуваме потпишаниот трилатерален договор меѓу Владата, Синдикатот и работодавците. Ги респектираме сите одлуки од агросиндикатот, ги известуваме редовно за сите пропусти и грешки на нашите вработени. Не преземаме ништо без да го информираме синдикатот, за сите постапки, казни или пропусти на нашите вработени. Досега воопшто не ни дошло во прашање да излеземе од членување во Синдикатот. Напротив, сакаме нашите вработени да имаат и една таква сигурност, да се заштитени од синдикалната организација на Македонија.

Има ли некои неформални контакти меѓу вработените, како клима на помош, на поддршка, да им се помогне на вработените за школување на децата, свадби, погреби…?

Една од работите кои ги научив и наследив од претходниот генерален директор, кој ми ги пренесуваше, и се уште ми ги пренесува и како родител, беше да ги продолжам контактите со вработените, во смисла да најдам време за кој било вработен, ако бара прием, да се прими и да се ислуша. По тој принцип и правило продолжив понатаму. Секако, претходно бараме да се почитува хиерархијата во организационата структурата на Витаминка, разговор со својот претпоставен, шеф, директор на сектор. Сé зависи од каква природа е проблемот, доколку можеме да помогнеме, доколку Витаминка може да му помогне, со задоволство тоа го правам. И внатрешната синдикална организација во извесни случаи делува со помагателна каса, средства кои се многу битни во даден момент за вработените. Тие се бескаматни здружувања на некои средства кои ги даваме, а се враќаат на 5-10 рати за упис на дете во школо, за свадба, за не дај Господ, за болест на вработен или на член од семејството. Секогаш сме излегувале во пресрет. Никогаш Витаминка не се тргала настрана од проблемите на вработените. Бараме начин да ги решиме, вработените да се чувствуваат дека имаат поддршка од фирмата, дека сме ние едно семејство и секој вработен е дел од ова големо семејство. Кога ги потпишувавме договорите со мобилните оператори, сакавме нашите вработени да добијат и мобилен телефон, го издејствувавме тоа како награда за нашите вработени. Постојано внимаваме да имаат добра опрема, заштита при работа, добри и чисти мантили, ветровки за вработените кои работат надвор, да имаат добри, нови чизми, облека, да бидат заштитени надвор и во работните простории. Максимално се грижиме за безбедноста и сигурноста. Морам да напоменам дека се 610 семејства, а тоа се најмалку 610 проблеми. Секој од нас има свои грижи и тешкотии, секојдневно сме преокупирани со благосостојбата на нашите семејства. И многу често, тие мисли и преокупации не можеме да ги оставиме дома, туку ги носиме и на работа. Тоа може да се му случи секому, на менаџери, вработени, сите сме луѓе со чувства. Но, затоа, колективот треба да има разбирање за секого и за секаква ситуација. Витаминка е токму таков колектив.

К-15?    

Бевме прва компанија која лани исплати К-15 по воведувањето на законската обврска. Иако е толку голем бројот на  вработени, се гордееме со исплатата на К-15 за нашите вработени. Понатаму ќе исплаќаме, но мора да ги избалансираме финансиските трошоци. Голем дел од вработените се и акционери. Имаме обврска да исплатиме и дивиденда кон нашите акционери, која годинава ќе биде како и минатата година. Веднаш после исплатата на дивидендата кон акционерите, исплатуваме и К-15 за вработените.

ПРАЗНИКОТ СЕ ПОЧИТУВА

Би сакал да им го честитам Први мај на сите вработени во прилепската општина, оти Зенит е локално гласило, кое многу го ценам, и со задоволство го читам, но и на сите вработени во Македонија и светот. Сите го почитуваме тој празник, сите го празнуваме.

Loading