Куќа без завеси не бидува

Бесплатна објава

Димитра 2007

I vtorata generacija vo biznisot so perdinja - Spirkoski od Dimitra 2007Декоративните пердиња за прозорци го менуваат погледот на светот, расположуваат и овозможуваат уживање во просторот. А дека завесите се незаобиколен декоративен елемент на секој ентериер, докажува Жарко Спиркоски Лалакот, кој 22 години опстојува на пазарот со салонот Димитра 2007, познат како Лала комерц. Мерак им фрлил на пердињата и осетил дека може да работи со метража. Од продавач во некогашниот дуќан, станал стопан и останал најстар во “еснафот” со пердиња. Понудата тргнала со македонски производи од некогашната Стружанка, со која негувал плодна соработка. А речиси 17 години продава турски пердиња.

– Куќа без перде не ја бидува. Битни се за уредување на домот, канцеларискиот простор, давајќи посебна нота на топлина и изглед. Ми влегоа во крвта. Осетив дека ми лежат пердињата. Млад, кинисав во приватен бизнис, оти имаше работа и не така тешка за дуќанот што го држевме. Уште не ја познавам работата, оти е специфична, во споредба со бутиците. Треба да се спреми пердето, да се направи како што му одговара на муштеријата. Нужно е да се следат трендовите. Излегуваат нови материјали, нови шари, дизајни, кои се нудат за избор. Боите и дезените треба да бидат усогласени со стилот на останатите елементи. Неразделна е композицијата да се долови уникатна и комфорна атмосфера. Човек учи додека е жив – вели Спиркоски.        

Од везени со тел како најактуелни и помодерни, до памучни пердиња се најбарани. Привлекуваат и тутканите – везени, со ленти, драперии… И ресите се модерни, но се и евтина промена на изгледот на собата. Со широката палета материјали, бои и дезени, Спиркоски носи можност домот да се претвори во оаза на задоволство. Својствен е по пристапните цени, за сечиј вкус и по мерка на џебот. Од 200 денари најевтини, до 400-500 денари од метар. Со редовни попусти, особено се примамливи и за муштериите однадвор. Не сака иста понуда со конкуренцијата. Битно му е при набавките да го одбере моделот на кој ќе му застане окото не само нему. Горд е што успева да го гаѓа вкусот, да го задржи погледот, да донесе материјали, кои купувачите ги бендисуваат и им се  впечатливи.

– Во странство се нудат скапи пердиња, а за нашиот пазар треба да се достапни до платежните можности на муштериите. Бараат евтини, практични и да не се пеглаат. Памучните се трошат најмногу, оти лесно се одржуваат. По перењето, се обесуваат без пеглање. Погодно е времето, оти никогаш не било поевтино и подостапно. Некои од муштериите од Битола, Ресен, Кичево, Брод, мислат дека пердињата се фелер, со дефект, поради ниските цени. Опстојувам години во браншата, оти се трудам квалитетот да биде носечки и правило, кое не може да се згази. И конкуренцијата влијае да се прават повеќе напори, да се излегува со нови, уникатни и атрактивни понуди. Најбитно е да се располага со вкус за избор на модели. Занает, мајсторилак е да ги погодиш материјалите, а со тоа и вкусот на муштеријата. Ако имаш убав модел, самиот се продава – додава Лалакот.

Во Димитра 2007 нудат дополнителни услуги, за кусење, шиење, комплетно “погодување” на пердето да изгледа како што го замислил стопанот на домот, како што одговара на просторот. Љубезноста и квалитетот му се водилка за успешност. Комуникативен е со купувачите, им отвора по десетина модели, им објаснува, им нуди совети за декор… Олеснето му е и со социјалните мрежи, каде ги изложува стоките и често добива нарачки. Има постојани муштерии, кои ако се еднаш задоволни од услугата, навратуваат вторпат и третпат без да шетаат. Дури и наследниците одат по трагата на родителите. По нивна препорака, стекнува и нови и нови муштерии. Задоволни од услугата и производот, добиваат комплименти од нашите од Австралија, Австрија и други земји, кои доаѓаат лете да ги дотераат домовите.

– Порано пердињата се менуваа почесто. Со душа се чекаше среда и сабота да навалат муштерии. Декорот на прозорците и ѕидовите се менуваше двапати годишно, за Велигден за Бајрам и пред Божик. Сега, според можноста, на 5-6 сезони, оти сепак е луксуз. Задоволен сум од довербата што ја уживам. Никогаш не се случило на незадоволен муштерија да не му вратам пари или да не му дадам друго перде – кажува Жарко.

“Занаетот” го одбрал “инцидентно”. Така го навел патот, но го посветил животот и од него ја вади егзистенцијата. Се стреми да остане дуќанот активен и затоа едниот син го ангажирал за помош. 

Loading