Уште еден петок започнува со “Зенит” в раце
Секој Петок, па и денес читаме Зенит. На четири илјади фамилии веќе 350 петоци, денот им започнува со неделникот “Зенит”. Дури 7 години, во рацете и пред љубопитните очи на прилепчани им се сервираат локалните настани. Горе -долу граѓаните го препознават и се навикнаа на него. Некои го доживуваат како продолжение на Народен глас, а сретнавме и такви претежно помлади, кои не ни знаеја дека постои локален весник. Повеќето ги “научиле” рубриките, а стилот им е лесен и разбирлив, онака едноставен за читање. Со актуелноста на интернетот и пласирањето на вестите он – лајн, донекаде се намалува навиката за читање печатени медиуми. Но, Зенит не потфрла ни тука. На “модерните” и на читателите во странство им нуди електронско издание на весникот на интернет. За повеќето прилепчани нема поубаво чувство од тоа да зашушкаат листовите в раце, да го осетиш мирисот на хартија. Се вмешавме меѓу граѓаните, “фативме” неколку пофалби, но и критики. Сретнавме почитувачи и верни читатели, а имаше и со препораки за поголема привлечност на весникот.
Борис Наумоски: Од кога почна да излегува весникот, години наназад, редовно го земам секој петок. Ме интересираат настаните во градов што се случуваат, а Зенит како локално гласило успешно го задоволува нашето љубопитство со начинот на кој известува. Има од сé опфатено, од бизнис приказните за фирмите како почнале, што почнале. Има интересни работи. И за другите настани што се случиле. Важно го читам детално, сé си има, а и за сечиј вкус по некоја напис. Може да се смени, да се додаде нешто, но и вака е убаво.
Кемал: Понекогаш го читам, а го купувам од плоштад. Има разни содржини. Симпатизер сум на весникот, колку што можам да разберам, да прочитам по нешто. Ром сум, во еден од претходните броеви имаше и за нашиот празник, меѓународниот ден на Ромите. Ќеф ми беше на душата што и нас нé спомнаа. Дури и го урамив.
Борис Стојкоски: Не сум против било кој весник, па ни против Зенит. Пишува во глобала за сé и затоа редовно си го земам. Спортот најмногу ме интересира. А 5 денари за весникот, што е тоа?! Срамота е човек да рече дека е скап. Си пишува за сите области по нешто. И така да си продолжи. Се навикнавме на него и нема што да се промени.
Мица Печијареска: По потреба, секој број кога излегува си го читам. Понекогаш прескокнувам од заборавање. Сé што се случува е опфатено и на тој начин како граѓани да бидеме информирани, да имаме сознанија и преглед што е сработено во градов. Треба да си постои, оти останува за навек. Срамота е да се каже за цената. 5 денари се ништо. Мастика на дете да му купиш, за 20 минути ќе ја фрли. А вака, весникот го имаш, а ќе го искористиш и во некој друг момент. Не сум таа што треба да каже, но би требало цената да биде повисока. Ако се зголеми, би требало да има и уште 1-2 страници повеќе, но доволно е и на овие страници, оти сé е содржано.
Јовица Релушкоски: Го читам весникот и мислам дека е добар, како локален весник, со информации за Прилеп. Засега навистина си е во ред, но секоја нова рубрика што би излегла плус, ќе биде во интерес на градот, а за граѓаните повеќе од добредојдена. Уште се негува навиката за читање печатен медиум. Имам слушнато дека има и електронска верзија на интернет, но искрено, не ја следам. Поубаво е чувството кога в раце ќе го прелисташ весникот.
Олга Котеска: Го читам редовно и задоволна сум. Актуелен е, ги кажува сите новости за градот. Најинтересна ми е рубриката за занаетите , за бизнисите. Има, и за спорт, и за учениците, што посебно го ценам тој дел. Нема потреба да се променува, се навикнавме на овие содржини и на народски стил. Разбирлив е за сите, затоа и се чита. Цената е добра, повеќе од достапна за сите.
Филип Кантарџиоски: Имам читано неколку изданија на весникот и ОК ми е. Во обем е мал, но постојат повеќе теми кои можат да се исцрпат. Немам забележано многу на пример од страна на технологија, мобилни, софтвер, нешто во таа смисла. Добра ми е рубриката “бек ин тајм”, слика од стар Прилеп. И мислам дека имаше една рубрика за правилниот говор. Интересно ми е што во некои текстови има прилепски дијалект. Треба да се популаризира повеќе, оти весников, искрено, има епитет на пензионерски весник. Го читам обично кога ќе се видам со баба ми и дедо ми. Убаво е за голем град да се има локален весник, не она од рангот на Њујорк тајмс, но да биде репрезентативен за Прилеп. Да се поработи на маркетинг повеќе, на интересни теми. Неделник е, но не знам колку имаме интерес и можност да биде дневен, но може да се проба одреден тест период. Не ни знаев дека го има на интернет, но тоа е предност плус за младите, кои многу немаме навика да читаме весници.
Сашо Петрески Цапе: Весник по нарачка, вмровски. И скап е многу, 5 денари. Немам друг коментар, доволно е. Не ме бендисуваат страниците, оти сите се нарачани.
Горан Бачаноски: Запознат сум со весникот Зенит. Излегува еднаш неделно, секој петок и во него пишува за настаните во Прилеп, од културата, политиката, економијата и спортот. Го следам поретко, и тоа претежно електронската верзија. Најмногу ми се допаѓа спортската рубрика. Супер си е, само што ново време иди и се помалку се негува навиката за следење печатени изданија. Можеби затоа и јас повеќе сум ориентиран кон интернет верзијата.
Александар Јовески: Го читам строго во печатена верзија, но еднаш на два месеци. Дневните весници ги следам на интернет, а Зенит не сум навикнат електронски да го следам. Најмногу ми се допаѓа што известува за спортот во Прилеп, за младински категории и сл. Би сакал помалку да има дневна политика, помалку фотки од градоначалникот, а повеќе ноќен живот, промовирање на тековни и следни журки, по локации за тоа каде ќе се организираат свирки.
Златко Ристески: Благодарен сум што весникот ми овозможи да го промовирам мојот бизнис. Бев малку скептичен околу тоа да ме има во весник, но интересно е чувството да се биде дел од новините во градот. Добиваш позитивен фидбек од многу луѓе, “пиштат” телефоните, сите те бараат да ти честитаат, да те пофалат. Но и пред тоа го читав весникот, но некако повеќе ќе го почитуваш откако “лично ќе се запознаеш” со него. Посебно привлекува внимание фотката на неделата. Алал да ви е за изборот. Сé си е како што треба. Но, ако веќе се менува нешто, интересно би било да има повеќе за модните трендови во градов, кој каков стил на облекување има, па нивни слики, да се оценува модата во градов, нешто во таа насока.
Соња Илиеска: Добар е весникот, на ниво. Го земавме и претходно преку работа во Васидора. Го читавме сите вработени. Сé што се случило во градов на интересен начин е прикажано. Нема нешто што не е напишано. Навиката за читање весник е индивидуална, но уште купувам Зенит.
Александар Пенталески: Два пати досега сум се “сретнал” со Зенит. Сум слушнал дека е од Прилеп. Хороскоп имам читано во весникот, еднаш дедо ми кога го купи. Чат-пат погодува. Поинтересен ќе биде ако е во боја.
Жарко Чорбески: Сум слушнал за Зенит. Го разгледувам, го потчитнувам. Во Нат текстил носат, инаку не би купил. Оти нападно политички е. На секоја слика претежно се политичарите што се на власт. Се форсира тој дел многу, инаку можеби попривлечен ќе биде. Затоа повеќе разгледувам отколку што читам.
Аднан Јашари: Еднаш, случајно в раце ми се најде весникот Зенит. Искрено, не го дочитав. Не сум многу информиран за весникот, што, како и кога излегува. Но, ме интересира што содржи, за што точно известува. Би сакал следна прилика повеќе да обрнам внимание на весникот.
Ангела Николоска: Не го читам, а знам дека постои локален весник. Имам така нешто прочепкано. Од тоа што го имам видено, е супер, има некои интересни теми, но има многу политика. Сметам дека ние младиве немаме толку навика за читање весници. А од друга страна, можеби повеќе ќе го читаме ако се скрати политиката, оти не “поремети” сите. Инаку во глобала е добар.
Жаклина Кирпатрик: Читам Зенит, но не многу често. Претежно кога одам на лекар, а пред мене има ред за чекање, па повеќе го разгледувам. Или ако знам дека некој ќе го има во весникот. Но, редовно не. Ми се допаѓа што има локален весник, оти повеќе тој би го прочитала, отколку од други медиуми. Сакам да читам весник од Прилеп и за Прилеп.
Јулијана Трајковска: Кога ќе ми дојде при рака го читам и тоа сите содржини, од почеток до крај. Обично почнувам од последната страница, па нанапред. Се мери со другите весници како јавно гласило, веста е на ниво. Има кај весничариве, а и на работа ни носат. Интересни ми се сите содржини, а повпечатливо ми е избор на бизнис на годината. Нема што да се менува, вака како што е веќе го препознаваме.
Снежана Исајлоска: Многу ретко го читам, претежно ко ќе имам прилика. Од факултет син ми носи по некој број. Инаку се нема навика да се набави. Од тоа што го имам читано, интересна ми беше и посебно ми се допаѓаше рубриката за правописот. За поздравување е што на некој му текнало на таа тема да пишува.
Александар Богданоски: До неодамна редовно го читав. Дури и секој петок на дуќан, в кафеана ми го доставуваа. Сега не се врткам толку во градов. Привлечни се содржините. Најмногу ме интересираше што се случува во Прилеп, оти е локален весник, за новитетите во градов, се информираме од весникот. Цената е прифатлива, а годи што е народски, читлив. Како препорака би имал, да биде во боја, за да биде уште попривлечен и да има повеќе содржини за да се релаксира населението, а не критички настроен и да се “нервираат” граѓаните.
Каранфилка Наумоска: Весникот Зенит редовно го читам. Го земаме дома и цела фамилија го чита. Ми се допаѓа. Може да претрпи мали измени, односно да се додадат новини од областа на културата, оти малку гледам внатре. Опфатени се училишните активности, но може да се содржат и детските установи. Ретко се опфатени активностите на децата од градинките, а редовно учествуваат на манифестации, приредби за одбележување на празниците. Добар е весникот, оти во него ги читам новините во градов. За нешто што се случило, најдобар начин да се разбере е од Зенит, затоа и секогаш дома го имаме.
![]()

