РАЈСКИ ОБРОК

Парадисо

Se opstojuva samo so kvalitet i pristapna cena - Emil   RisteskiВо период на навала на приватни бизниси во далечната 1995 година, Емил Ристески, двоумејќи се меѓу неколку идеи, се впуштил во бизнис водите со сендвичарницата Парадисо. Го привлекла помислата дека потребата за јадење “никогаш не умира”, насочувајќи се да понуди “рај за стомакот”. Со постојаниот квалитет напредува веќе 20 години, трудејќи се да биде во тренд со вкусните оброци, колку што дозволува ќесето на муштеријата.

– Сите правиме слични продукти, но секој има марифет. На ова тешко време, треба многу напор да вложиш. Се опстојува со квалитет и пристапна цена. Најважен е чесниот пристап кон муштериите со константен квалитет. Посебен е тертипот да го “запалиш” муштеријата и да му ја распламтиш гладта. Тоа се чини со подготвката пред неговите очи. Погледот на пресните продукти влијае на привлечноста на храната пред да се конзумира. Редовно прашувам дали се задоволни. Некогаш дури “оток” сум. Ме радува ќефот на полн стомак – вели Ристески.

Има разновидна понуда по рестораните и сендвичарниците, но со постојаниот квалитет, Ристески ја оправдал довербата. Гладните пробале и на други места. Често му делат комплименти дека нема ниту близок вкус како неговата продукција која претставува заситување со уживање. И пак, и пак, се гостат, се враќаат, оти незаменливиот оригинален вкус има пристојна цена. Хамбургерите и хот-дозите, муштериите ги лапаат како алва. Вешт и брз со рацете, сам стасува да подготви сендвичи колку тројца мајстори. Рецептот не е само во содржината на продуктите, туку и насмеаното лице, ведрината и оптимизмот со кои зрачи и ги служи муштериите. Така го пласира производот без ниту една поплака. Посебен шмект се додатоците и зачините. Муштериите некогаш навраќаат и на муабет,  да скршат збор-два, оти Емил е “голем говорник”, со широко срце и пријателски настроен кон сите.    

– Не е клучот на бизнисот само брзината, туку нужен е одговор на предизвиците. Тоа е малку дарба, но повеќе искуство, акумулирано низ годините. Имам коректен однос и респект кон секого. Муштеријата знае да цени не само по понудата, туку и по останатите “финти” – кажува Емил.

Викендите му се посебна приказна. Редици “обожаватели” чекаат на вкусните залаци, “забрбелани” со по некој мајтап, муабет. Затоа анимирал различни возрасти. Но, посебно го преферираат младите од 14-25 години. Постарите генерации, кај кои во младоста го докажал својот квалитет, сега ги праќаат децата на закуска.

– Уживам во работава. Таа ми е задоволство, како возење со велосипед. Со сите сум близок, ме исполнува постојаната комуникација и контакти со нови лица. Така сум стекнал постојани муштерии, со кои ги негувам и одржувам односите сиве овие години. И новите муштерии ме инспирираат да се трудам повеќе да ги задржам, за ги освојам и да го пренесат вкусот на другарите, пријателите, роднините, па понатаму на децата, па и на внуците. Задоволството кај муштериите ме бодри, ми дава нови сили и ме мотивира додека се носам со идеја за голем фаст фуд простор – додава Ристески.

Толку е заљубен во занаетот што, иако е млад, тврди дека нема да го напушти, додека како што вели “го крепат умот, нозете и снагата”, да може да одговори на предизвиците на бизнисот. Без некој угостителски корен смета дека добро ги совладал финесите на подготовката на сендвичите,  на кои можат да позавидат и мајстори со “педигре”. 

Loading