РАШИРЕНИ РАЦЕ ЗА СИТЕ УЛОГИ

Катерина Чакмакоска – Клинческа, актер

I davam dusa na sekoja rolja - Katerina Cakmakoska KlinceskaМладата актерка со театарски ген, Катерина Чакмакоска – Клинческа, од ансамблот на театарот со впечатливата епиздона улога во претставата “Буре барут” во режија на Наташа Поплавска, влезе во потесниот круг на друштвото на актери на годината, што традиционално ги селектира весникот Дневник.

Бевте номинирана за актер на годината. Иако не бевте избрани, годи ли номинацијата и тесниот круг на повозрасни колеги?

Секако дека ми годи. Ова е прва актерска номинација и нормално дека ја доживеав посебно. Не е битно што не бев избрана. Му честитам на колегата  Диме Илиев, кој е возрасен и ја заслужи наградата. Доволно ми беше признанието што бев меѓу осуммината актери кои оставиле печат на сцената лани. Тоа е сосема доволно за почеток.

Каков предизвик беше да се пренесе ликот на сцената?

Предизвик е секој лик што сум го изиграла. Така ќе продолжам.  Таков е мојот професионален пристап. Нема рутина во театарот. И не само предизвик, секоја улога е нов свет, цел космос што го откривам. Без разлика каква е улогата, плачам, се смеам, растам, живеам со неа. Во “Буре барут”, иако играм само една сцена, ликот на Евдокија, од почеток знаев дека е посебен. Така го доживував. Има нешто длабоко интимно што ме врза за тој лик. Тоа некој го забележал…

Која е движечката сила на ликот да му дадеш посебна душа?

Тој принцип е индивидуален, актерски. Евдокија толку ми се приврза и на некој чуден начин стана дел од мене. Тоа не се опишува со зборови. Тоа е како парче душа кое го откинуваш од себе, го вдахнуваш и го оживуваш.

Те “вовлекуваат” ли улогите? Стануваш ли друга Кате на штиците?

Не знам дали ме вовлекуваат или ги вовлекувам нив. Играта е взаемна. Со ликовите сум искрена, посветена. Тоа е игра од која излегувам исполнета, како дете кога ќе се изнаигра, не се заситува, никогаш не му е доста и уште сака да игра. Таков е мојот однос кон ликовите.

Ангажирана си речиси во сите претстави? Дали се зрее со  постојаното присуство на сцената?

Присуството создава кондиција, температура. Секако дека е потребна и креативна пауза. Некогаш треба да се наполнат батериите, но благодарение на интензивното влегување од проект во проект научив брзо и без да бидам свесна, открив неограничена креативна сила.

Што би ти дало нова инспирација?

Сакам да играм сé. Имам уште многу соништа, што сакам да ги отсонувам. Ќе оставам на времето да покаже кои ликови треба да ги играм. Сите ќе ги пречекам со раширени раце, а на сцената се чувствувам жива.  Тоа не е воопшто малку.

Loading