ПРИЛЕП Е ТЕСТ НА ВАРДАР ЗА КИЕЛЦЕ

Ракомет: Викендов стартува плеј – офот

Sleduva borba za izlez vo Evropa - RK PrilepЕкипата на Прилеп со триумфот од 28-24 над Пелистер го задржа високото второ место во основниот дел од Супер лигата и викендов, почнува плеј – офот, борбата за титулата. Според ждрепката во РФМ изготвен е распоредот, а во 1. коло добиен е најсилниот противник, Вардар. Мечот се игра в сабота во Скопје. Убава можност е да се одмерат силите со ваков ривал, во чии редови се ѕвездите Шчербик, Дибиров, Лазаров, Стоилов, Душебаев и останатите, учесници во четвртфиналето од европската лига на шампионите. Практично, претстојниот суперлигашки дуел, за Вардар е последен тест пред првата четвртфинална пресметка со полското Киелце, седум дена подоцна во истата сала.

Кои се очекувањата на Прилеп од претстојните 10 плеј – оф кола? Ако имаме предвид дека влезот во “горниот дом” е остварување над планот, секој натамошен освоен бод ќе биде добредојден. Апетитите пораснуваат со освоените 34 бода од 18 кола, секако и пласманот на втората позиција охрабрува. Убава е табелата над Пролет, Радовиш, Пелистер… Може да се атакува на нови победи против Пролет и Радовиш, а нема да биде неостварлив и триумф над Металург, тимот кој не е истиот од лигата на шампионите. Во плеј – офот големи фаворити се само Вардар и Зомимак и на тие дуели ќе се бара достоинствен отпор со добивање на искуство.

Сите 10 кола пролетва се интересни. Распоредот, тимот на Прилеп прво го носи кај Вардар во Скопје, потоа дома со Металург, на гости двапати со ред, во Радовиш и со Пролет во Скопје, на крајот од првиот дел дома доаѓа Зомимак. Во вториот дел се реваншите, со Вардар дома, Металург во Скопје, Радовиш и Пролет дома и последниот дуел е со Зомимак во Струмица. Треба да се биде оптимист со верба за трето место на Прилеп, а тој пласман е мошне вреден и води во Европа, во купот ЕХФ. Преостанува само да се почека на одлуката од Управата на Прилеп дали и наредните мечеви ќе се играат во малата сала на СОУ “Р. Р. Ричко” или поради огромниот интерес на публиката ќе има преселба во четирипати поголемата арена “Сонце”.

Loading