РАКОМЕТАР,ТРЕНЕР И СУДИЈА

Времеплов- ракометната легенда Орде Магдески

Profesionalan odnos vo rakometot - Orde MagdeskiЗа сега веќе 73 годишниот Орде Магдески треба да се знае дека е еден од пионерите на ракометниот спорт во Прилеп, кој својата кариера ја почнал во 1954 година на12 годишна возраст. Вели дека со спортскиот дух во него тргнал во ракометен поход. “Виновник” за тоа и должник му е на наставникот Орде Николоски, кој го популаризирал ракометниот спорт.

– Ми беше привлечен спорт и, покрај другите, се вклучив во оваа динамична игра. Почетоците беа тешки, далечни од денешниов амбиент во сали, на паркет, под светла, со опрема, квалитетно топки, голови, мрежи… Трениравме и игравме на земјеното игралиште во ОУ “Кочо Рацин”. Иако велам дека играта беше динамична, но во споредба со денешнава изгледа како спора снимка. Се играше бавно, со малку голови, внимателно, да не се повреди ривалот, да не падне на земјата, да се издраска, да не се раскрвави на рацете и нозете, да не се повреди сериозно. Се правеа акции, се применуваа тактики за напад и одбрана со додавања и надмудрувања, контри, се откриваа и користеа слабите точки на противниците… – вели Магдески.

Со времето, се подобруваа условите и играта се менувала. Биле изградени  неколку терени.

– Дебитирав во 1957 година во екипата на Партизан против Работнички од Велес. Игравме на новото игралиште на отворен терен на простор меѓу Гимназијата и Вишата економска школа. Теренот имаше тврда и чиста подлога со трибини за околу 1000 гледачи, без соблекувални и други санитарни потреби. Победивме со 22:19, со што почна големиот подем на ракометот – се врати во времето назад Магдески.

Поранешниот професор Магдески, сега пензионер, во ракометот останал две децении активен играч и уште деценија тренер и судија.

– Почнав во зонски ранг во Пелагонискиот регион, потоа во Републички, па во сојузен. Така 20 години. По завршувањето на кариерата во 1974 година, се посветив на тренерскиот позив во РК Тутунски комбинат. Едно време се повлеков и се посветив на судењето. И таму престанав од објективни причини – памети Магдески, доајенот на прилепскиот ракомет.

Тој подоцна бил творец на многуте успеси на РК Тутунски комбинат. Новинарот Миле Талески за него вели дека бил прв кој го внел професионалниот однос кон тренинзите и натпреварите. Тој бил меѓу најзаслужените за влегувањето на РК Тутунски комбинат во Втора лига на Југославија. Бил на пат да стане и еден од најдобрите ракометни судии на Македонија. Тандем биле со Симон Мерипушкоски. Да не се случела трагедијата со Симон, сигурно ќе прераснеле во голема судиска двојка.

Драги Башески

Loading