ПЛАНОТ Е ТРИУМФ НАД ПЕЛИСТЕР

Ракомет: Пелагониско дерби по пет години

Staroto dobro pelagonisko derbi Prilep - PelisterЕкипата на Прилеп не успеа да избегне минимални порази во Радовиш и Скопје, вториот со 23-22 од Пролет и дојде во ситуација да го решава влезот во плеј – офот во последното суперлигашко коло, в сабота (19 ч.) во “Ричко” против соседскиот ривал Пелистер. Пелагониското дерби е после пет години. На 2 ноември 2010 битолчаните во “Сонце” славеа со 22-28, но сега фаворитската улога ја има прилепскиот тим. Според изгледот на табелата, Прилеп е втор со 30, пред Радовиш, Металург, Пелистер и Пролет со по 30, така што доволно е реми, но во ракометот нема друга опција, освен победа.

–  Планот е триумф и со 34 бода да го заокружиме со второ место основниот дел од првенството. Не е едноставно, чувствуваме некој притисок, за разлика од гостите кои нема што да загубат и одат на сé или ништо. Есеноска во Битола испуштивме бод, а сега планираме три. Во нашата сала никој нé не поразил и така останува до крај – вели Ице Соколоски, тренерот на Прилеп.

Подмладениот состав на Пелистер, воден од тренерот Игор Николовски, сезоната ја почна лошо, но се поправи и непланирано стигна до сламка шанса да се бори за плеј – офот. Во екипата се двајца Црногорци, голманот Симоновиќ и бекот Николиќ, а од домашните првотимци неколкумина се во младата репрезентација на Македонија. Меѓу поистакнатите е средниот бек Стефан Дрогришки.

– Очекувам израмнет, неизвесен дуел. Мала предност за Прилеп е домашниот терен и поискусниот тим, но тоа не мора да е пресудно. Победата подеднакво ја посакуваме и ние, оти само едно место е за плеј – офот – порачува Дрогришки.

Loading