ЈАДИ БУРЕК

ivce1Телевизија, македонска!  НАЈМАКЕДОНСКА! Водителот, и тој, од поизделканите Македонци. Единствено јазикот не му е баш македонски. Инаку тој се претставува и како полиглот, како човек кој знае повеќе јазици. Единствено македонскиот непара го владее но…

Да не зборуваме напразно. Зборувајќи тој, воведувајќи нé во емисијата вели: “Ја уште прошлиот пут кажав”. Еве, пет збора, четири грешки. Личната заменка (македонска) ЈАС, од него никогаш не сме ја слушнале. Тој постојано вели – ЈА. И не само тој. Речиси сите скопски новинари, па и политичари велат ЈА наместо ЈАС. Потоа во приведената реченица, нашиов водител вели ПРОШЛИОТ ПУТ. Срамно е ако објаснуваме дека треба да биде МИНАТИОТ ПАТ, ама тој, не му мисли за тоа. Од петте збора во реченицата само глаголот КАЖАВ е правилно употребен. Сите други се погрешни. Но, не е само оваа реченица. Во еден момент вели: “Болје да го направев тоа”. БОЛЈЕ поубаво му звучи од нашето ПОДОБРО. Зборува водителот, за разни теми и ги кани гледачите да се јавуваат со свои размислувања. Се јавува гледач и прашува: “Дали могу да говорим на матерним језиком”? Нашиов водител штедро одговара: “Само изволте друже! Само ви говорите! Изволте друже, изволте”! Гледачот живеел во Скопје, но, ете, не знаел македонски. Ама водителот знаел српски и немаше проблем. Зборуваше гледачот најмалку 10 минути на српски јазик, се заблагодари (“на матерним језиком”) и заврши. Се заблагодари и водителот за јавувањето. А нам, на гледачите, ни објасни дека тој знаел англиски, српски, руски и словенечки и не би имал никаков проблем со гледачи од овие јазични подрачја. Ги знаел убаво тие јазици. Можеби! Само ете, не кажа дека треба да го поднаучи македонскиот јазик. Заборава дека програмите од неговата телевизија се наменети за македонските гледачи, а не за Англичаните, Србите, Русите  и Словенците.

Си тече емисијата. Водителот ги кани гледачите. Темите се од разни области или подобро речено, неопределени. Зборува секој за нешто што мисли дека треба да каже или што му лежи на срце. Еве, се јавува нов гледач. Зборува, зборува, долго. Нејасно, конфузно. Не знаеме што му е целта. Не е јасно што сака да каже. А постојано вели дека треба да го каже главното и дека сега ќе го направи тоа. Но пак зборува. Врти околу-околу. Тоа веќе го нервира и водителот и најпосле му се обраќа: “Кажи што мислиш да кажеш, што туку кружиш као киша око Крагујевца”. Уште еднаш водителот нé потсети дека знае повеќе јазици. Знае дури и странски пословици. А што значи во македонскиот јазик тоа – “Кружи као киша око Крагујевца”? Апсолутно ништо. Ние ништо не знаеме и нé не интересираат метеоролошките состојби во Крагујевац. Не знаеме дека таму дождот врти околу градот, а никако да заврни в град. Таа појава веројатно е позната кај Србите и затоа таму и се создала таква пословица. Таа и да се преведе на македонски нема да значи ништо, а уште помалку значи цитирана онака, на српски јазик, од нашиот водител. Тој можел да му кажи на гледачот дека не треба многу да должи, да го заобиколува најважното, туку веднаш да каже што мисли. Ако веќе сакал да биде посочен, поколоритен во изразувањето, можел да земе некој приближно сличен, македонски израз. Па еве, да му помогнеме. Можел да рече дури и вака: “Што туку вртиш како мачка околу жежок колбас”? Бидејќи и емисијата му се вика ЈАДИ БУРЕК, еве, затоа приведуваме пример од прехранбената номенклатура.

Да заклучиме! Тешко може да се голтне сево ова што ни го сервира нашиов водител. Мошне тешко!

Благоја Ивчески

Loading