ШАНСА ЗА ВТОРА ПОЗИЦИЈА

Ракомет

Убаво изгледа табелата во машката Супер лига, каде на второ место е Прилеп. Најдобро е кога нешто не е ветено, а е остварено. Се посакуваше златната средина, а еве има голема шанса екипата на Ице Соколоски и Страшо Илиески да се зацврсти на високата позиција, веднаш под непобедливиот Зомимак. Остануваат уште две кола во основниот дел, а можеби клучен дуел е викендов на гости кај Тинекс Пролет во Скопје. Со евентуална победа и три бода, второто место е извесно, со оглед на последниот меч, кој е пред домашната многубројна публика со соседскиот ривал Пелистер. Претходно, тимот имаше минимален пораз со 29-28 во Радовиш, а со подмладен состав, каде голманот Михајлоски деветпати одбрани и најефикасни беа Јанески со девет и Петрески со осум гола, дома лесно со 36-21 беше совладан Текстилец. Табела: Зомимак 48, Прилеп 31, Радовиш и Металург по 30, Тинекс и Пелистер по 27.

Во женската Супер лига не се одигра соседското дерби Пелистер – Жито Прилеп, претходно беше поразот на гости 46-20 од Вардар СЦБТ,  а следува мечот дома со вториот Вардар.

Loading