ВРВЕН ФУДБАЛЕР И СТРУЧЊАК

ВРЕМЕПЛОВ – БРАНКО ПЕТКОСКИ – ПЕДАНО (1936-2012)

Kokoski, petli i cokolada za premija - Branko Petkoski - PedanotБеше вистинско задоволство да скршите лаф-муабет со Бранко Петкоски – Педано, роден 1936 година во Прилеп. Некогашниот врвен фудбалер на Победа, Работнички и Југохром. По завршувањето на фудбалската кариера се определи да биде првиот и единствен професионален тренер од градот. Тоа му беше егзистенција до пензионирањето.

Пријателите и фудбалските почитувачи го ословуваа со прекарот Педанот. Додека беше жив раскажуваше дека прекарот го добил, оти бил мал по раст, па постарите играчи на Победа сомничаво вртеле со главите и се прашувале дали од ова педанче ќе биде фудбалер…?

Тогаш Победа го имала најсилниот состав со браќата Димитар и Гога Лашкоски, Даре и Методија Костоски, па Д. Ангелески, Игњатоски, А. Гулески, М. Крстески, Атанасоски, Трајкоски, Атески, К. Конески, Камчески и Соколоски.

Го викаа и Џокерот. Велеше:

– Се чинеше дека за мене нема да има место во тимот, а бев на секој натпревар во првата екипа како халф или напаѓач. Затоа викаа дека Педанот е како некој џокер. Го има на сите места во тимот. Среќен сум, зашто најлесно ме препознаваа – велеше Петкоски.

Педанот одиграл 166 меча и постигнал 44 гола додека екипата се натпреварувала во МФЛ, Четвртата фудбалска зона и Втората лига.

Дебитирал 1955 година против Кожув во Гевгелија.

– Вечно ќе ги носам во душава квалификациите со Приштина на гости 1959 година пред пет илјади гледачи. Со голот на Јакимоски првпат станавме второлигаши. Тоа беше дар на векот за Прилеп и историски потфат. Заради студиите на Правниот факултет во Скопје каде го завршив првиот степен, минав во Работнички. Наредната година заради квалификациите се вратив назад во Победа – говореше Педанот.

Минал и низ Југохром од Јегуновце и како фудбалер и тренер, дури 7 години.

– Од Општинската лига, Југохром го  донесов до Македонска. Во квалификации со Малеш од Берово на гости постигнав четири гола во наелектризирана атмосфера – паметеше Петкоски, несеќавајќи се за кој меч екипата добила на подарок кокошки и петли и 10 килограми чоколада.

Доживеал многу повреди, но во Победа добил силен удар во стомакот на пријателски дуел со Брегалница.

– Дошло до кинење на цревата. По операцијата, се освестив по девет дена во шок-собата, а печатот ме прогласил мртов – со тага се навраќаше талентираниот фудбалер, кој за љубов на клубот простувал побарувања.

Дел од парите требало да бидат за Живко Ѓоргиоски и Ристо Глигоровски, да не пристапат на сплитски Хајдук.

Победа не ја заборава добрината. По повредата го стави за помошен тренер на Никола Радовиќ.

– Бев фудбалски инвалид и бев ангажиран за прв тренер на “Инкоп-63” од Битола, но само три дена. Ме вратија да го водам “11 Октомври” со веќе стакнатите дипломи од Белград – кажуваше Петкоски.

Со 11 Октомври правел чуда. Ги “транчел” Пелистер, Брегалница, Беласица и Тиквеш пред 12000 гледачи. Прилеп го кренал на нозе.

– Го водев Осогово од Кочани. Направив резултати и ме наградија со 20 министерски плати, плус високи премии. После ме покани Победа. Жалам што не ме оставија да ја водам екипата барем три-четири сезони, да ја одведам до Првата лига. Можев, оти Прилеп пекаше. И во самостојна Македонија, ќе направев Победа да ја тресе Европа, ама немав шанса за остварување на двата сона – кажуваше Петкоски при крајот на минатата деценија.

Врвниот фудбалски мајстор замина, но остана легенда во историјата на фудбалот во Прилеп.

Драги Башески

Loading