ЗБОРОВИ СО ПОГРЕШНО ЗНАЧЕЊЕ

ivce1Многупати и многумина често употребуваат зборови на кои не им го знаат вистинското значење. Обично тоа се зборови од меѓународната лексика. Се употребуваат такви зборови со цел да се пренесе, да се соопшти определена содржина, но и со цел да се покаже поголема култура, поголема ученост. Таков е случајот со зборовите КАПАЦИТЕТ и АЛТЕРНАТИВА. Најмногу ги употребуваат политичарите и новинарите. Нормално, тоа се пренесува и кај обичните луѓе и потоа, погрешната употреба на овие зборови, станува редовна практика. Се разбира, погрешна. Ќе се задржиме на излагањето на еден наш висок политичар. Зборува тој за определени економски проблеми и за начините за решавање на тие проблеми. Вели дека за тоа постојат повеќе АЛТЕРНАТИВИ. Тој вели така, но не знае дека греши. Тој мисли на повеќе можности. Тој мисли дека зборот алтернатива значи можност. За решавање на проблемот можеби постојат повеќе можности, начини. Но, ако станува збор за алтернатива, тогаш тоа може да биде само една, односно само два начина или две можности. АЛТЕРНАТИВА, тоа е двојство или – или. Или едниот начин или другиот. За да се изгради пат преку некоја планина или треба со повеќе кривини да се совлада планинскиот врв или да се прокопа тунел. Значи, или едното или другото. Ете тоа е алтернатива. Избор помеѓу двете варијанти. А тоа е, всушност, една алтернатива. Ако е прекинат патот, се урнал мостот, ќе бараме алтернативно решение, ќе возиме по некој друг (алтернативен) пат. Но, ако за определената дестинација постојат многу патишта, тоа не значи дека сите тие претставуваат алтернативи. Накусо, алтернативата е избор помеѓу две решенија. Или едното или другото.

Друг збор кој исто така многу често го слушаме со погрешно значење е зборот КАПАЦИТЕТ. Чудно е зошто е тоа така. Се знае дека капацитет е крајната можност. Еден хотел може да има капацитет, да речеме, од 100 легла. Капацитетот на една фабрика е највисоката бројка од производите што се создаваат таму. Но, нашиве политичари и нашиве новинари (речиси без исклучок) хотелите и фабриките ги викаат капацитети. Сме пишувале за ова. Сега повторно се навраќаме зашто слушнавме некои необични, чудни реченични конструкции. Дури и смеа предизвикуваат тие. Ќе ги набележиме.

Општо познато е дека во Куманово е развиена чевларската индустрија. Таму постои индустриски објект, фабрика која произведува чевли. Можеби постојат и две фабрики. Тоа и не е битно. Слушаме извештај на еден новинар на некоја од нашиве телевизии. Објаснува дека фабриките имале зголемено производство. Го натфрлиле КАПАЦИТЕТОТ. Рековме дека политичарите и новинарите (и многу други) фабриките ги викаат КАПАЦИТЕТИ. Нашиов новинар не информира вака: “Во Куманово, чевларските капацитети го натфрлиле капацитетот”. Замислете! КАПАЦИТЕТИТЕ го натфрлиле КАПАЦИТЕТОТ. Зошто? Зошто не вели дека фабриките го натфрлиле капацитетот?

Слушаме еден политичар од Дојран. Се фали дека во Стар Дојран ќе се граделе нови хотели и со тоа ќе се зголемел капацитетот на леглата. Политичарот вели вака: “Овие нови КАПАЦИТЕТИ ќе го зголемат сместувачкиот КАПАЦИТЕТ во Стар Дојран”. И тој како претходниот, капацитетите ќе го зголемеле сместувачкиот капацитет. Јасно е дека новите хотели ќе го зголемат сместувачкиот капацитет. Но тој не вели така.

Ќе приведеме уште еден збор кој е погрешно употребен. Постоело прислушкување, соработка на некои наши граѓани со странски разузнавачки служби. Говорникот ги критикува нашите служби, нашите државни органи за безбедност. Вели: “Тука закажала нашата држава, закажале нашите служби”. Глаголот ЗАКАЖЕ (закажува, закажал) во нашиот јазик има сосема поинакво значење, – да се закаже состанок, да се закаже средба и слично. Во српскиот јазик (или поточно во хрватскиот) глаголот ЗАКАЗАТИ (заказала је) значи дека затаила, не била ажурна соодветната служба, не реагирала навреме и соодветно.

Ете така. Многу грешки! Но, што можеме! Толкав ни е капацитетот!

Благоја Ивчески

Loading