СООПШТЕНИЕ

Поплавите направија штети на домаќинствата. Формирани се тимови од локалните самоуправи за проценка на штетата.

Во одредени региони уште не се детектирани сите штети. Проблеми има во најголем дел за храната и водата за напојување на домашните животни.

Поплавената храна за животните, пред сé, кабаста има органолептички јасновидливи промени кои укажуваат на раст на мувли и промена на златножолтата во црна и зелена боја. Веројатно причина е содржината на вода (слободна или активна), погодната температура, присуството на кислород и расејувањето на спори. Најчести мувли се од родот Аспергилус, Пеницилиум и Фузариум. Најважни микотоксини се афлатоксин, трихотецени, фумонизини, зераленон и ократоксин. Микотоксините се хемиски стабилни структури и не се отстрануваат со технолошка постапка. Доколку се јават микотоксикози кај животните, истите не се лекуваат. Компликации кои можат да се јават кај животните се функционални пореметувања на репродуктивниот тракт и ендокриниот систем и намалување на приносот на млеко, месо. Дел од микотоксините се излачуваат преку млекото и месото. Млекото и месото во кое ќе се детектира микотоксини е неисправно за човечка конзумација. Микотоксините кај човекот предизвикуваат канцерогено и тератогено дејство.

Доколку храната за животните била поплавена, голема е веројатноста да се зголеми бројот на одредени микроорганизми, особено Листерија, Клостридиални спори, Ентеробактерии, Ешерихија коли.

Храната, на која има знаци на мувла, мирис и несоодветна боја, е забранета за употреба за исхрана на домашните животни. Фармери кои имаат склучено договор со индустриски капацитети, оператори за месо и млеко, не смеат да ги хранат и напојуваат домашните животни со небезбедна храна и вода за пиење. Со користење на безбедна вода се штитат животните од цревни и респираторни инфекции.

Со контрола на одгледувалиштата, здравствената состојба на животните, храната и водата за напојување за животните, се грижиме за здравјето на луѓето.

Бесплатен оглас

Loading