МАСКИ И СМЕА

Меѓународен карневал Прочка 2015

Meckarite se najavtenticnata maska karakteristicna za kasapiteНад две илјади маскирани лица во групни и поединечни маски, учествуваа на најмасовниот 14-ти меѓународен карневал “Прочка 2015”. Пред илјадниците посетители, мечкарите го изведоа ритуалот со кој се бркаат злите духови во очекување на плодна и бериќетна година. Нивната маска има тривековна традиција иницирана од касапите кои ги негуваат старите обичаи. Во дефилето се најдоа и мажоретките, по што следуваше шаренило од маски и креации. Најзабележително беше учеството на средните и основните училишта. Првпат учествуваа маскирани групи од Сардинија и Турција, а и годинава учествуваа гости од Србија, Хрватска, Албанија и Бугарија. Пристигнаа и маскирани групи од Кавадарци, Куманово, Куратица, Ратево, Мокриево, Бегниште и Струмица. Гете Институтот се претстави со групна маска од 140 ученици кои го изучуваат германскиот јазик од повеќе градови.

– Маските се вистинско богатство, се афирмира карневалот на локално, државно и меѓународно ниво. Оригинални се, со симболика и високи уметнички вредности, со драмска импровизација и го претставуваат културниот идентитет – вели Снежана Ристеска, од локалната самоуправа.

Карневалот е културна манифестација, заснована врз стара традиција на касапскиот еснаф, која со единствените белези претставува врвна туристичка атракција.

– Меѓународниот карневал Прочка претставува спој на традицијата со модерното и како таков е еден од најзначајните настани во овој град. Со неговото одржување се зачувуваат старите обичаи кои се дел од нашето културно наследство. Особено е значајно за развој на туризмот – вели градоначалникот Марјан Ристески. 

Жонглерите, кукларите, кловновите и ноќните забави под маски во сите прилепски кафулиња, донесоа позитивна енергија и расположение за прилепчани да уживаат во празникот.

НАГРАДИ ЗА НАЈДОБРИТЕ

Најдобра маска беше “Порака” на учениците од ОУ “Гоце Делчев”, а најдобра самостојна маска – “Прилепска тутунарка”. Во категоријата за возрасни групни маски, според жирито во состав Ели Милошеска етнолог, Тони Чатлески, ликовен уметник и Марјан Матракоски од локалната самоуправа, најдобра традиционална маска беше “Прочкари”, а најдобра современа маска “Крали Марко и Црна Арапина”. Од детските групни маски, најдобра традиционална е маската “Веселата ливада” на учениците од ОУ “Рампо Левката”, а современа –  маската “Лов без улов” на учениците од ОУ “Блаже Конески”.

Loading