Не е многу чудно, а и не е срамно кога ќе чуеме обични луѓе да направат јазични грешки. Но, зар не е и чудно и срамно кога уредник на телевизија (Канал 5) да вели ЧЛАНАРИНА, наместо ЧЛЕНАРИНА? Слушавме, но не бевме сигурни дали госпоѓата го употреби тој збор. Понатаму, таа уште неколкупати ја изговори оваа грешка. Зар толку многу е тешко, зар толку многу човек треба да мисли, па да се досети дека именката ЧЛЕНАРИНА е изведена од именката ЧЛЕН? Во српскиот јазик таа гласи ЧЛАН и оттаму и ЧЛАНАРИНА. Македонската именка е ЧЛЕН и нормално е да биде ЧЛЕНАРИНА. Зар новинар, уредник на телевизија да не го знае тоа?
Слична грешка. Госпоѓа пратеник, по професија новинар. Зборува за средствата што ги плаќаат пензионерите во солидарниот фонд. Прашува колку изнесуваат ТРОШКОВИТЕ? Како може да не знае дека со наставката ОВИ завршуваат множинските форми од едносложните именки: КРТ- КРТОВИ, НОС – НОСОВИ, ГЛАС – ГЛАСОВИ и така натаму. Од именката ТРОШОК множинската форма гласи ТРОШОЦИ, а не ТРОШКОВИ. Професионален новинар! Како може да не го знае тоа? А не го знае. И го повторува повеќепати.
Сериозна била ситуацијата. Покрај другите штети, поплавите можеле да бидат причина за повеќе заразни заболувања. Зборува докторката за тие проблеми. Вели дека треба да бидеме ОПРЕЗНИ. Зошто госпоѓо доктор? Зар не можеме да бидеме ВНИМАТЕЛНИ, ПРЕТПАЗЛИВИ? Во краен случај, зар не можеме да бидеме НА ШТРЕК? Можеби тоа е најточниот израз за ваквите ситуации. Именката ОПРЕЗ ја нема во нашиов јазик. Па според тоа и придавката ОПРЕЗЕН е туѓа. На српски таа гласи ОПРЕЗАН. Ние ја менуваме наставката од АН во ЕН и со тоа мислиме дека сме го решиле проблемот. Во ваквите случаи секогаш треба да бидиме претпазливи, НА ШТРЕК. Зар не госпоѓо доктор?
За многу работи, за многу грешки рековме дека се чудни, дека е чудно зошто го прават токму оние кои треба најмалку да го прават тоа. Еве уште еден таков случај. Во Бугарија, некој бугарски историчар зборувал за Македонците, за македонскиот идентитет. Долгогодишен презентер на телевизија Сител вели: “Дотичниот бугарски историчар”… Глаголот ТИЦАТИ ние го немаме. Српскиот израз “Што се тога тиче” кај нас гласи “Што се однесува до тоа”. Зборот ДОТИЧНИ на македонски е СООДВЕТЕН, ОДНОСЕН. Според тоа “ОДНОСНИОТ (не дотичниот) бугарски историчар”. Сме ја слушале оваа грешка повеќепати. Од новинари! Чудно!
Досега не сме го чуле. Еве се случи и тоа. Го слушнавме во некоја телевизиска програма зборот ЗАДРТ. Не си спомнуваме точно, но најверојатно тоа беше во некоја од народните приказни. Нив ги имаме мошне често, но јазикот не им е многу народен. Има многу србизми. Таков е и зборот ЗАДРТ. Некој старец бил ЗАДРТ. Каде ли го изнајдоа тој збор? Па ЗАДРТ значи ТВРДОГЛАВ човек, ИНАЕТЧИЈА. Зошто ги отфрламе нашите зборови и земамe туѓи? Чудно!
Градоначалник на една општина објаснува за сериозноста од поплавите, за опасностите што ги демне неговата општина. Објаснува дека го прокопале регионалниот пат за да овозможат водата да се излева на другата страна од загрозеното село. Вели дека е направен нов ПРЕЛАЗ за водата. Наредниот ден, од истото место и за истиот настан не информира новинар од телевизија Сител. Објаснува надолго и нашироко за целата ситуација. За големата поплава во Пелагонија. За настанатите штети. Вели дека штетите ќе биделе уште поголеми, ако не се направел ПРЕЛАЗ за водата да истекува во друг правец.
Чудно е зошто ја слушаме оваа грешка, како што ја слушаме и српската именка УЛАЗ. Зошто да не кажат градоначалникот и новинарот дека е направен ПРЕМИН, а не ПРЕЛАЗ? А за УЛАЗОТ, се знае, тоа е ВЛЕЗ.
Но, ете, никако да ни влезе в глава што е точно а што е погрешно! Чудно!
Благоја Ивчески