ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ, А ТОЈ ШЛАКАНИЦА!?

Времелов – ракометарот Ангеле Гулески

Neprobana prva liga - Angele GuleskiКако во животот, и во спортот малку се признанијата, а на секој чекор боцкања и навреди. Така мина и Ангеле Гулески, дете на РК Тутунски комбинат, кому како играч и тренер му донесе многу успеси и трофеи, му ја подари младоста и дел од зрелите години, а тој му врати со шлаканица!

Од семејството на Гулевци излегле многу фудбалери, а меѓу поквалитетните настапувале за Победа и за 11 Октомври.

– Брат ми Борка – Макушо играше халф во Победа и во 11 Октомври, братучедите Александар и Круме беа столбови во тимот на овие две екипи, а најпознат секако, беше Методија Крстески – Каше – вели Гулески.

Тоа било причината да се проба во фудбалот.

–  Во 1963 година ме презеде популарниот Илија Игњатоски – Даскалот, а со мене беа Ѓоргиоски, Мирчески, Николоски и Тодороски. Имав неколку слаби оценки, а со таков успех не можеше кај Даскалот. Отидов во ракометот за утеха и останав 31 година. Човек не може да побегне од судбината. Не ни сонував дека ќе останам три децении, а првите чекори ги направив кај Александар Настески – скромен  е Гулески.

 Бил ракометар кај тренерите Миодраг Тасески – Ганата, Мице Лашкоски – Фајфо, Орде Магдески и Симон Мерипушкоски, а во екипата со Т. Арапчески, А. Николоски, О. Тутески, К. Димитриоски, С. Димитриоски, потоа Кирил Анески – Тумано и Бранко Иваноски – Цефиот. И веднаш се пласирале во Македонската лига.

– Има вистина дека ривалството меѓу Прилеп и Битола во фудбалот се пренесува и во ракометот. Сакавме во Прилеп да го победиме Пелистер, но судијата не дозволи. Од 10 гола за Пелистер, 9 беа од седум метри, а од 9 за нас, само 1 од пенал. Настана општа тепачка и настрада и судијата. Службено го зедоа натпреварот – памети Гулески.

Аферите, местењата на резултатите и поткупувањата не се новина. Датираат одамна.

– Имаше нечесни игри. Во 1968 година, да не играме квалификации за опстанок, од Повардарие од Неготино побаравме бодови. Не ги дадоа. Пролетта ним им беа потребни. Подмитија два-тројца наши, но ги победивме и испаднаа. Во 1974 година под водство на Орде Магдески станавме прваци на Македонија. Се пласиравме во Втората лига – Исток. Невидено славје. Игравме на отворен терен пред повеќе од 4000 гледачи и фудбалот го фрливме во втор план. Заслужни секако се  Коруноски, Р. Николоски, Арапчески, С. Николоски, Тутески, Цветкоски и Базеркоски. Почна и големиот подем на ракометот. Се сеќавам на победата над белградски Партизан на Бањица под мое водство. Имавме силен и квалитетен тим, игра на највисоко ниво, по бедивме со 24-20. Колегата Обрадовиќ пред крајот ја напушти салата. Не го поднесе поразот. Играа Богданоски, Арсоски, Карески, Бисинов, Камчев, Бозароски, Велјаноски, Секулоски, Кироваков и С. Николоски. Во 1991/92 година го освоивме првото место во Втората лига – Исток. Добивме право за Првата сојузна ракометна лига. На колена ја фрливме и Црвена Ѕвезда од Белград. Иако пријетелски, тоа беше трофеј – со гордост се навраќа Гулески.

Поразите и неправдите печат, а на радоста нема крај.

– Игравме со Трепча во Титова Митровица. Се боревме за првото место. Бевме подобри. Во првиот дел 7 гола предност. Во продолжението се случи судиски грабеж. Доживеавме срамен пораз од 5 гола разлика со амин на црногорски судија. Тагувам за украдената победа. Кога ќе постигнев гол, многу се радував. Против Пролет во Прилеп постигнав 7 – отворен е Гулески.

Под раководство на Гулески во 92 година, Тутунски комбинат стана прволигаш.

– Тој успех ми е најмил. Не ја пробавме Прва ракометна лига. Мајстор до мајстор беа, Богданоски, Димоски, Шокоски, Велјаноски, Чурлевски, Јусуфовски. Нешкоски, Колески, Кироваков, Џ. Илиоски, О. Илиоски и 3. Димитриовски, Чурлевски и Јусуфовски. Раководството на комбинатот бараше Прва лига и нови засилувања за остварување на тој успех – се присетува Гулески.

Памети дека замолницата од претседателот на клубот во 95 година место првиот тим, да ги преземам пионерите, ја примил како шлаканица.

Се срами од тешкиот инцидент со Вардар во Скопје, минута пред крајот, а домаќинот водел 22-19.

Пиперки со чепкалки

– Имаше и шеги. Ракометарите им ги подотвориле капачињата на соларниците на колешките од Вардар од Скопје на средба во хотелот во Титоград. Втората е кога ракометарите ставиле чепкалки за заби во лутите пиперчиња, па гостите вриштеа – се смее Гулески

Loading