ТУТУН НЕМА НИ ЗА ЛЕК

При крај е откупот

Првиот тутунар, Данчо Милески, бара итна распределба на субвенциите, да им се олесни на тутунарите пред новата производствена сезона

Se sadel vek i vekov i tutunot ke ostane na nivite  - Danco MileskiИако се прогнозираше ланската реколта да биде повисока од проектираните договори на деветте откупни фирми со кооперантите, сепак од асоцијацијата на тутунарите тврдат дека за неколку дена ќе се стават на вагите последните количества од ланскиот род. Веќе се затвораат за 50 отсто откупнте пунктови, а проценката на здружението на тутунарите е дека остануваат да се соберат нешто повеќе од 1500 тони тутун.

Данчо Милески, претседателот на Сојузот на тутунарите, вели дека просечната цена е 119 денари.

– Цената е ниска, гледана од аголот на трошоците во производството, но солидна, видена низ призмата за реална проценка на квалитетот. Ланската берба беше со понизок квалитет. Сета трета класа отиде во четврта, плус и калото скокна понекаде и до 40 отсто, поради тоа што дел од балите скапаа од неквалитетот. Излегоа неточни нашите проценки дека годинава ќе има повеќе тутун, односно се точни ако се земе во предвид зголеменото кало во просек околу 30 проценти. Значи, сега веќе нема тутун. Откупувачите чукаат на секоја врата по селата да бараат род за откуп. Тутунот веќе се продаде. Некои откупувачи, освен Струмица табак, останаа со покуси ракави. Не ги презедоа ниту планираните количества – објаснува Милески.

Аргументира дека Струмица табак навреме потпишала анекси на договорите, да откупи најмалку 20 отсто повеќе од предвиденото. Затоа складира доволно или нешто повеќе од проекциите.

– Останатите откупувачи беа претпазливи. Не ги презедоа предвидените количества. Сега бара килограм повеќе под дрво и под камен. Што е, тука е. Важно е дека тутунарите ќе излезат на крај во лошата година со државните субвенции од по едно евро за килограм. Најтешко им е на поголемите производители, кои многу вложуваат, а малку добиваат. Тие бележат и загуба, и со субвенциите. Апелирам до Владата и до министерствата итно да се распределат субвенциите. Претстои новата сезона, а тутунарите се исцедени. Зедоа помалку, па е нужна навремена финансиска инјекција. Инаку, откупувачите одиграа коректно. Цените беа пристојни, со мали исклучоци – вели Милески.

Пред претстојната производствена кампања, веќе се подготвуваат документите за евиденција во министерството за земјоделство со таканаречените бели картони. Милески смета дека годинава ќе опадне интересот за тутунопроизводство.

– Ланските цени не беа атрактивни за зголемување на производството, туку ќе обесхрабрат дел од традиционалните тутунари да ги намалат површините, а некои и сосема да кренат раце од одгледувањето на оваа култура што е егзистенција со векови на ова подрачје. Некои веќе се ориентираат на други култури, но тутунот нема да исчезне од полињата, оти е единствената култура која има гарантиран откуп и висока државна финансиска поддршка. Регулирани се веќе проблемите со белите картони, поради ситната нова давачка од 300 денари за евиденција во ФАРМ регистерот. Тутунарите би требало да покажат разбирање и да не негодуваат за 300 денари, за да не ризикуваат добивка од неколку илјади евра. Новите правила се во интерес на производителите –  вели Милески.

Обезбедувањето на бели картони оди со потпишани договори на кооперантите со откупувачите.

Опрема за нови формати цигари

Заедничката фирма, Филип Морис Тутунски комбинат Прилеп инсталира опрема за производство на нови формати на цигари во фабриката за цигари на Тутунскиот комбинат. Монтажата е во согласно со договорот за стратегиско партнерство меѓу двете компании, Филип Морис Интернешенел и Тутунскиот комбинат.

Лани интернационалната компанија Филип Морис и Тутунски комбинат склучија договор за стратешко партнерство. Новоформираната компанија Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп ги произведува досегашните заеднички брендови и ги продава на домашниот пазар. Со договорот се обезбеди и гарантиран и сигурен пласман на одредени количини тутун за потребите на Филип Морис.

Loading