ОД КИРАЏИЈА ДО СИНЏИР НА МАРКЕТИ

Касуци

Uredenost na marketite za   dobredojde -  Goce i Liljana BilbiloskiФирмата за трговија на големо и мало за прехранбени продукти и пијалоци, Касуци, во бизнис водите е веќе 22 години. Сопственикот Гоце Билбилоски почнал скромно со вработување на две лица и со колонијален дуќан под кирија, за да создаде “империја” од маркети десетина години. Бизнисот го проширил до таа мера што располага со синџир на сопствени дуќани со над 30 вработени. Под брендот на Симона маркетите функционираат осум објекти, од кои шест се во Тризла, еден на улица Београдска и еден во Варош. Најголемиот маркет е од 124, а најмалиот околу 40 квадрати. Да се инфилтрираат на пазарот во мултинационална средина вработиле и лица со посебни потреби од ромска националност. Станаа и заштитно друштво, а со распоространетоста се сé повеќе препознатливи.

– Почетоците ни се во Тризла. Беше тешко да се регистрира фирма, а името Касуци излезе случајно. Подоцна сфативме дека значи бренд на фармерки што сега е смешно. Бевме под кирија со 6-7 мали колонијални дуќани. Често се соочувавме со проблеми, па напредокот беше малку забавен на стартот. “Шетање” имав многу. Досега имаме сменето преку 20 објекти, за да се ориентираме на сопствени објекти пред 10 години. Решивме да се заштитиме на пазарот, на муштеријата да му станеме попрепознатливи. Важно да се избориш, да се наметнеш. Се тргнавме од големите маркети. Ги проучивме потребите на муштериите. Дел од луѓето не можат да купат цело пакување и не  влегуваат во други дуќани. Башка, посебен менталитет има секој дел од градов. Најдобро е да се работи каде што може да се успее – вели сопственикот Гоце Билбилоски.

Имале и падови и подеми, но со многу вложен труд успеале да се изборат, располагајќи со солидно снабдени маркети. Асортимански се застапени со широка палета на производи, ориентирани кон она што се троши, редовно користејќи ги акциите и следејќи ги трендовите. Стекнале доверба со прилагодувањето кон побарувачката на пазарот и куповната моќ, а со тоа муштериите добиваат квалитетен производ. Застапено е 90 отсто пилешки производи, оти мноштвото муштерии не консумираат свински производи. Имаат и систематизација на работните места. Секоја смена има хигиеничар, касиер, продавач. Својствено на маркетите е хигиенската практика, дури и пред да биде воведен ХАССАП системот. Се разликуваат и во работното време. Навечер е отворено и до 2 часот, а зиме до полноќ. Маркетите  ги заживуваат маалата и се забележителни.

– Одговорни сме. Ској кој влегол во објектот, го гледаме како светост. Не смее да се става стока на подот. Голема грижа се води за хигиената,  второ, за потребите што сака и за колку пари може да купи муштеријата. Со работењето сфативме дека муштеријата е тој што диктира – додава Гоце.

Успеваат со многу труд и слога, покрај различното мислење. Посветени се 24 саати.

– Не правиме математика колку пари останале, туку прво уживаме во сработеното. Кога би ме прашале, да ми останат две илјади евра плус или да имам две вработувања, ќе го избереме второто. Комшиите се наши вработени. Работникот не треба да губи време и полесно се вклопува со муштериите. Меѓусебното познавање е важно и носи продуктивност. Да има топлина, во објектите правиме петпати распоред на наредената стока. Штом не го чувствувам тоа, правиме трансформирање, промена на рафтовите, фрижидерите. Па кога ќе влезете, среденоста на објектот дава исполнетост и топлина. Посебно задоволство е да се пазари во убаво уреден маркет со полно  работници – ја заврши приказната сопругата Лилјана, која му е десна рака на Гоце.

Цело семејство е вклучено во бизнисот, а обврските им се поделени. Гоце Билбиловски е и управител, сопругата му помага во набавките и маркетингот, а и зетовите ќерките во контролата.

Loading