ИСПОМЕШАНИ ЗНАЧЕЊА

ivce1Контактна емисија на една наша телевизија. Темата на разговорот е нешто во врска со терористичкиот напад во Париз извршен од екстремистичка религиозна група. Се јавуваат гледачи, разговараат со водителката. Го искажуваат сите своето мислење. Прашањето, всушност беше, дали е можно такво нешто и во Македонија. Повеќето мислат дека кај нас не би можело да се случи тоа. Ќе се задржиме на искажувањето од една госпоѓа. Горе – долу, госпоѓата зборува за тоа дека никој не смее да си поигрува со религиозните чувства на другиот. Сака да го каже тоа поуверливо, попластично, поколоритно и го бара точниот збор, точниот израз. Почна да се извинува што ќе употреби еден непристоен збор, но ете, принудена е на тоа. Откако се извини уште неколкупати, госпоѓата вели: ”Не смеат да се спрдаат со религијата”. А зошто толку се извинуваше госпоѓата? Извинувањето не беше што глаголот СПРДААТ не е македонски. Таа веројатно и не знае дека тој збор е српски. Нејзе тоа не и пречи. Таа се извинува за употребата на самиот збор. За неговото вулгарно значење, како што мисли таа. Еве, и ние ќе се извиниме што ќе мораме да го употребиме вистинскиот збор, вистинскиот глагол од кој се плаши госпоѓата, а тој е – ПРДИ. Поговорката вели: “Гален поп и в црква прди”. Уште еднаш се извинуваме, но го употреби овој збор за да станат појасни работите. Коренот на српскиот глагол СПРДАТИ (се) не е тука. Српската именка СПРДЊА (спрдање) значи мајтапење, подбивање, потсмев, иронија, подбишега и така натаму. Кога би знаела госпоѓата дека тоа не е наш збор и дека значењето му е поинакво немаше толку да се извинува. Се стопи од срам дури го изговори глаголот СЕ СПРДААТ. Сега, ние немаме намера да се “спрдаме” со госпоѓата, туку само да укажеме дека тој нема никаква врска со оној наш збор што го употребивме и за кој и ние како госпоѓата, се извинуваме. Оваа грешка беше направена од обичен гледач на телевизија. Ќе набележиме сега една грешка од новинар односно новинарка. Дуваше ветер. Новинарката не информира за времето и состојбата во нејзиниот град. Вели: “Ветерот дуваше со јачина од 100 километри на час.” Вакви грешки слушаме и во други ситуации. Но, зошто ги слушаме? Од кога силата, брзината на ветрот почнуваме да ја мериме со јачина? Јако е железото, јак е каменот, а ветрот е движење на воздухот, а движењето се мери со брзина. Ако некоја кола вози со брзина од 100 километри на час, зар ќе речеме дека вози со ЈАЧИНА од 100 километри? Сигурно не! Нелогично е. Така е и со ветерот. Може да се рече дека ДУВАЛ силен ветер, со брзина (не јачина) од 100 километри на час.

Слушаме и една друга нелогичност. Веројатно од недоволно размислување. И тоа беше нешто во врска со временските услови. Објаснува човекот (директор на некое комунално претпријатие) за големата потрошувачка на вода. Се плашеле луѓето да не им замрзнат чешмите и водомерите, па ги оставале чешмите да течат. Тој вели дека набрзо се очекуваат ПОТОПЛИ ТЕМПЕРАТУРИ и ситуацијата со водата ќе се подобри. А што е тоа температура? Ако сакаме да ја измериме внатрешната топлина на некој човечки организам, мериме со топломер и ќе речеме дека човекот има температура од толку и толку степени. Значи, зборот ТЕМПЕРАТУРА, значи ТОПЛИНА. Ете, човекот ни кажа дека во неговото место се очекуваат ПОТОПЛИ ТЕМПЕРАТУРИ, што би се рекло дека ќе има ПОТОПЛИ ТОПЛИНИ. Нелогично, зар не?!

Владина делегација од Македонија, на чело со премиерот отпатувала на посета во Индија. Новинарот ни соопштува повеќе детали. Во еден момент употреби ваква реченица: “Разговор помеѓу македонскиот и премиерот на Индија”. Многу несмасен израз. Придавката МАКЕДОНСКИОТ останува да виси, не знаеме на кого се однесува. Може да биде македонскиот Претседател, македонскиот министер и којзнае уште што. Најдобро е ако се рече дека имало разговор помеѓу премиерите на Индија и на Македонија. Може да биде и разговор на македонскиот премиер со индискиот. Може на повеќе начини, само не на оној што го одбрал новинарот.

Благоја Ивчески

Loading