ЗАНАЕТ ПЕЧЕН НА СКАРА 40 ГОДИНИ

Букефал

Upornost i kvalitet e recept za uspesnost - Tomislav   DimoskiСе врати на старата локација, таму каде најмногу работел во младоста, еден од најстарите угостители во градов, Томислав Дамески. Од новиот угостителски објект за скара, со име “Букефал”, по коњот на Александар Македонски за да се слави македонското, секој ден Дамески погледот го вперува кон местото во близината каде некогаш имало жална врба, а под неа трафика која го потсетува на младоста додека го печел скараџискиот занает. Ич не е новајлија во угостителството. Зад себе влече историја долга 40 години. Имал ќеф за готвење, но почнал скромно, уште како “детиште”, со миење чаши и вагани во кујната кај Алавантија, оти не можело веднаш да те пуштат да работиш на скарата. Првин  требало, година – две да се “испече” занаетот, со гледање, одвреме навреме со “мешање” во кујната. Збирал знаење со праксата, а по некоја година од Охрид добил и квалификација за угостителство. Подработил во повеќе ресторани, и овде и надвор од градов. Едно време работел и под државна капа, како продавач.

На 32 години почнал сопствен бизнис без ничија помош, туку со свои сили. Купил трафика и отворил сендвичарница, некогашен “Бриони” кај уредот, а потоа и просторот кај поштата.

– Кинисав во приватниот бизнис од мерак за готвење. Ја сакав угостителската дејност, иако редовен ученик бев со трговско. До пред 7 години бев наспроти уредот, па се преместив од трафика во дуќан по Марксова. Бев ограничен само на преработка на месо, без пијалоци, немав услови за служење на маси, а времето го трошиш. Излезе прилика, па од Нова година сум на локацијава зад поштата – вели стариот мајстор за скара.

Нема од македонската, па и од балканска кујна, јадење кое не го подготвувал. Ориентиран е претежно на специјалитети на скара, а нуди и печено словенечко пиле. Марифетот на подготовка, изграден низ толку години искуство, останува тајна. Поплаки од муштерија никогаш не добил. Еднаш кој пробал, пак се вратил, а и нови муштерии го препознаваат квалитетот. Со преместувањето ја проширил и клиентелата, а старите познати муштерии пак му се вратија. Локацијата го прави своето, а оставил и доверба кај муштериите. 

– Принцип ми е да нема играње со храната. Хигиената е на прво место. Не влегувам в дуќан без нова облека, избричен, со вратоврска, со кошула, црни пантолони. Најважно е угостителот да го познава одржувањето на храна, кои состојки се склони кон расипување. Ако не му дадам на сопственото дете да јади од зготвеното, тогаш нема ни на муштеријата – додава Томе.

Од сабајле, па до вечер е в дуќан. Од 6.30 до 22 часот. Цел живот така терал. Скарата бара да се бдее над нејзе цело време. Нема мака од работа, таа го одржува и тешко му е ако седи дома. А смеата и муабетите со муштериите му ја хранат душата.

– Во градов незаменлива е скарата. Секој се бори за подобро. Работата бара одговорност, муштеријата да го чекаш да дојде, а не тој да те чека. Нема разочарување. Треба да бидеш упорен и да се трудиш, а времето ќе возврати. Барем нема да бидеш гладен и борчлија. И како дете упорен бев. Сé што ќе фатев, сработував – додава скараџијата Томе.

Имал и подобри и полоши времиња, но никогаш не се разочарувал. Сака да го послужи здравјето и да дочека пензија, па бизнисот да им го остави на младите.

Loading