РАСТЕЖИ И ПАДОВИ НИЗ ЉУБОВ

65 години театар “Војдан Чернодрински”

Театарот “Војдан Чернодрински” ќе прослави 65 години од постоењето. Пред публиката, на сцената ќе ја изведе најиграната претстава во последните седум годни “Од кол на кол” во режија на Коле Ангеловски.

Завесата првпат се кренала на 18 февруари 1950 година со изведбата на претставата “Кир Јања” од Ј.С.Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски. Првите актери кои застанале на сцената биле Рампо Ачески, Борка Димкароски, Благоја Кепески, Борка Солески, Блага Алампиоска, Блага Батаклиева, Рада Смилеска, Маре Русеска, Владо Спиркоски, Аце Михајлоски, Нада Галеска, Цане Настоски, Димче Шилоски. После доаѓаат нови генерации кои со елан, пожртвуваност и творечки занес го граделе театарот да доживее шест ипол децении. Прикажани се над 350 премиери, одиграни се над 7000 претстави  гледани од  над 1,5 милиони луѓе.

Еден од актерите кои четири децении се вгради во театарот, а  еден период бил и директор е Благоја Ивчески, кој иако веќе не е на сцената, пензионер е, активен е, преведувајќи драмски текстови.

Blagoja Ivceski– За наши услови јубилејот е величенствен. 65 години не се малку, ако се имаат предвид условите во кои се создал и во кои работел. Имаше падови, растежи, борба со кадровски и финансиски проблеми. Театарот сега е на рамниште на кое може да  му позавиди секој театар не само во земјава, туку и во странство. Да се биде четири децении дел од колективот кој сега прославува, навистина е прекрасно. Сé се случувало низ годините. На преден план беше радоста, желбата. Во почетните години желбата беше примарна, ентузијазмот нé водеше напред. Се исполнија 40 години со една професија што сум ја сакал и работел со огромна љубов. Камо среќа да биле повеќе. Тоа беше период исполнет со радост и желба за нови ликови, претстави. На сцената имав околу 150 улоги. Шест години бев директор во тешки услови. Сакав да покажам дека со залагања можат да се постигнуваат добри резултати, иако финансиските услови беа лоши. Со труд надоместивме, игравме голем број претстави, имавме полни сали со публика. Репертоарот и тогаш и сега се формирал во договор со режисерите. Тогаш имавме по пет претстави – две што се викаат каса – претстави, две таканаречени уметнички, една за деца. Добро е за артистите ако се поклопи заедничкото меѓу режисерот, актерите, што секогаш не е така. Театарот е колективна уметност. Дише заедно, нема место за дисхармонија. Се гордеам и се радувам што сегашната млада и талентирана генерација актери гази по истите штици по кои чекорев и јас 40 години. Потенцирам дека карактеристика за нашиот театар беше поставувањето на домашни драмски текстови. Сум се чувствувал среќен кога сум играл во домашни драми –  вели Ивчески.

Marjan CakmakoskiМарјан Чакмакоски во театарот е веќе 30 години.

– Од шесте фатив три децении. Нормално имало и убави и неубави моменти. Сме живееле од него и за него. Имало и кризи и растежи. 65 години театар е значајно за театарската уметност, оти сме дале многу. Горд сум на својата професија и што сум тука, во театарот. Единствена цел ми беше Прилеп по завршувањето на академијата. Не помислив за друго место, освен во нашиот театар. Првиот дипломиран актер сум што останал и до ден денес сум тука. Во почетокот имаше друга структура, други сфаќања за репертоар, многу режисери не сакаа да бидат во театарот, работевме со неколкумина. Тоа беше додека не се скрши тоа непишано правило. Се сменија и нашите погледи и на публиката кон театарот. Созревавме заедно. Заминаа во заслужена пензија повозрасните колеги. Долг период бевме без подмладок. Минаа 15 години откако дојде следниот дипломиран актер. Сега е различна структурата – возрасни и млади актери. Нема средната генерација, а природниот тек е кој, како заминува, да се наследува. Убаво е што за кус период дојде поголема група актери кои донесоа свежина, нова енергија, која го воскресна театарот. Отсекогаш интимна желба ми беше да имаме ансамбл. Сега го имаме тоа. Другата желба е да имаме театар. Не знам дали оваа желба ќе ми се оствари. Нашиот театар, според историските податоци, кога директор бил Мирко Стефановски, бил водечки во земјата, според делата што се играле, режисерите кои гостувале, актерите кои играле, на што можеме да се гордееме – потенцира Чакмакоски.

Daniela IvanoskaДаниела Иваноска, е актерка од помладата генерација. За 65 годишниот јубилеј ќе забележи.

 – Среќен Роденден! Ти посакувам уште многу, многу години живот, нови претстави, премиери, режисери, нови генерации актери, патувања, гостувања, меѓународни признанија и награди, публика!!! Посакувам да ни се врати легитимитетот, театар кој самостојно ќе живее, да му се закрпат дупките да не прокиснува… Малку треба да се направи, за сите да бидеме среќни и задоволни! Имав среќа да станам член на ова семејство кога почна да се создава новата историја. Новиот бран актери донесоа свежина и квалитет во театарскиот свет! Среќна сум што добивме многу меѓународни признанија и награди, награди во нашава држава, што говори дека сме сериозен театар кој има што да каже и покаже, театар кој е во тек со новите светски случувања и театар кој е отворен за соработка со режисери од различни генерации, кои носат различен јазик и стил на изразување! Ех, театру мој, наш, да си ни долговечен, да те чуваме, да те чуваат, да те одржуваат и обновуваат, да те реновираат, да светнеш како неодоллива дама или шармантен господин… Како сакате… Не велам дека зградата го прави театарот, туку луѓето кои творат, создаваат. Генерациите кои го кренале на нозе пред нас и го одржувале во живот, ние и тие што ќе дојдат после нас… Тоа е душата на театарот! Да живее театарот, креативноста, слободата на изразување… Ти, театру, си светла точка од ова сивило, ти знаеш да забавуваш, да украдеш насмевки од лицата на луѓето, знаеш и да расплачеш, и некој да натераш да си поставува прашања, знаеш многу да дадеш…, ти, едноставно, си љубов – пишува Иваноска.

Loading