СЕКОЈА МИНУТА Е ДОЛГА КАКО ВЕК

Службата за итна помош 24 часа на штрек

– Во 8 часа во смена имало во просек 10 повици

Sekundi spasuvaat zivot - Intervencija na itnata pomosНема човек кој останува рамнодушен кога ќе ја слушне сирената на итната медицинска помош. Возачите се тргаат настрана да го пропуштат во сообраќајот возилото со ознака “194” затоа што се знае дека секој миг е драгоцен да се спаси човечки живот. Или одат на повик за болен во животна опасност, или на лице местото на сообраќајката, или пак итаат за што побрзо го пренесат пациентот до општата болница за да му се спаси живот. Екипата за итна медицинска помош ја бараат за лица со доживеан срцев или мозочен удар, за помош при епилептични напади, или при губење на свест и што ли уште не при различни болести, повреди и незгоди. Стручноста, професионалниот приод и брзата реакција која ги стекнале со искуството, ја прави Службата ефикасна, мобилна 24/7 и во функција на граѓаните, бидејќи секој миг е живот при итните случаеви.

Екипата на “Зенит” мина неколку часови со хуманите луѓе во бели мантили. 

Se se dokumentira– Реагираме брзо, со максимална стручност и личен ментален и физички капацитет, со сите расположливи средства. Секој случај носи адреналин, што не значи дека е паника. Тоа ни е во природата на работата. Не можеш да отрпнеш, те тера на брза реакција, да помогнеш –  вели д-р Вера Тасеска.

На терен излегува екипа, составена од лекар, медицинска сестра и возач. Се случува во ист момент и двете екипи да се на терен, но медицинска сестра задолжително останува во амбулантата да ги прима итните повици и пациентите кои не се во можност да се прегледаат кај матичните лекари, но чувствуваат болки. Во зима најчести се лицата со хронични болести, или скршениците, а во лето – помош бараат пензионерите заради жештините.

– Не постои правило кога е вистинско време да се повика брза помош. При препотен, блед пациент веднаш се дава примарна терапија на лице место, па се носи до болница. Посериозни случаи од сообраќајките и од инфаркти нема – вели д-р Вера Тасеска.

Смиреност при повикување на “194”   

Има “културни” и “некултурни” повици до брзата помош. Смирени и во паника. Од службата се жалат на “непристојност” при телефонскиот разговор, но имаат разбирање поради стресот кој го доживуваат.

– Поради вознемиреност на повикувачот некогаш не можеме да ја разбереме точна адреса. Често има и непристојни однесувања. Мораш да прашаш кој степен на интност е случајот. Додека екипата е на пат, даваме упатства и се обидуваме да ги смириме. Има и примери за благодарност за укажаната помош –  вели д-р Захарија Топчиоска.

Polna ambulanta nokeКако служба покриваат најголема територија. Отишле дури и до Дреново, во Мариово кај т.н. железна врата. Имале случај на пријавена сообраќајка кај Фариш и пристигнале побрзо од екипата од Кавадарци на која и било поблиску. Често од селата добиваат повици за каснување од змија или стршен. Да се скрати оддалеченоста, предлагаат да се пресретнат на половина пат, за да не се губи време.

– Ни се јавија и ни кажуваат од Кривогаштани идиме, со бел форд сме, да се пресретнеме на пат, што беше најдобра опција. При фрактури кај постари лица, кои не можат да мрднат, најдобро е нашата екипа да отиде, оти таквите ситуации бараат соодветен транспорт – вели д-р Вера Тасеска.   

Имало дури и “смешни” случаи, повик за ситница, како и повици да ги смират домашните, оти се скарале. Одат на секој повик.

– Пријавија сообраќајка над езеро. Одиме натаму и по пат среќаваме човек раскрвавен во лицето. Се двоумевме дали да застанеме, да не е учесник во сообраќајката. На лице место на незгодата, возачот го немаше, па почна јанза да нé јаде да не беше човекот што го начекавме. На враќање го бараме наоколу, но го нема никаде. После го донесоа во амбулантата со друго возило оти избегал од незгодата, бидејќи бил со “швалерката” – раскажува д-р Анита Р. Милошеска.

Лажните повици и улиците без броеви

Врие од лажни повици или упатување на непостоечки адреси, во куќи во кои никој не живее, најчесто во Тризла. Зафатеноста на екипата со лажен повик, може да биде пресудна за сериозен случај. Проблем е и тоа што голем број куќи не се означени со броеви, па често “лутаат” по улиците, барајќи ја адресата.

– Да не се злоупотребува 194. Потребно е и сите куќи да бидат со број означени. Имавме случај кога екипата беше испратена на лажен повик, а во меѓувреме имаше инфаркт, кој заврши со смрт – вели д-р Анита Р. Милошеска.

Често прибираат и бездомници, лица во алкохолизирана состојба. Често и бегале, откако ќе ги однесат во болница, а потоа пак треба да интервенираат за истиот случај.

За 15 минути можело да има 3 повици. Просечно добиваат по 10 случаи во смена или за 8 часа да добијат дури и 22 повици. Без повик немало смена. Ги викаат и за убиство, самоубиство, обесени лица. Ги знаат оние со карциноми, неподвижни, хронично болните поради честите интервенции. Пациенти доаѓаат и во амбулантата. Во јануари имале 4000 прегледи. Само 20 отсто се итни случаи.

– За преглед чекаа десетина лица во ходникот. Прашавме кој смета дека е за итно, прв да влезе. Пристапи жена која 3-4 години страда од депресија, сметајќи дека нејзиниот случај е поитен од дете кое “гореше” од температура – вели д-р Анита Р. Милошеска.

Водат детални евиденции, во колку часот е примен повикот, име и презиме на пациентот. Медицинскиот персонал е од 32 до 62 години, а сите медицинските сестри се со над 30 години работно искусто.              

Loading