ФУДБАЛСКА ЅВЕЗДА ШТО НЕ ГАСНЕ

ВРЕМЕПЛОВ

ЖИВКО ГОРЃИОСКИ, НЕКОГАШНИОТ ФУДБАЛСКИ АС НА ПОБЕДА

Vrzan za saatot - Zivko GorgioskiЗадоволство беше да се седне и да се разговара со некогашниот фудбалски ас на Победа, Живко Ѓорѓиоски. Тој е единствен фудбалер од Прилеп кој што ја започнал фудбалската кариера во второлигашка конкуренција и по 13 години ја завршил во истиот ранг на натпреварување без неговиот тим да го загуби статусот.

Почнал како пионер во 1964 година кај легендата Ристе Тренкоски, а овој пак за возврат со мали исклучоци деценија и повеќе го носел неговиот дрес со број 10.

– Бев на 14-тина метри од голот на Вележ, а игравме куп – натпревар од осминафиналето – се потсетува Ѓорѓиоски. Ќурковиќ незадоволен од резултатот (3- 3) беше подизлезен од голот. Забележав, направив чекор да помисли дека некој од моите соиграчи ќе проиграм. Со ефе ја упатив топката кон голот и таа заврши во мрежата на Вележ за да победиме 4-3 во Мостар.

ДЕБИ СО ТРЕПЧА

Првиот натпревар и деби во дресот на Победа го имал на 8 март 1964 година против Треча од тогашна Титова Митровица која е победена во Прилеп со 3-2. Борче Ангелески – Влашето велеше: “Немавме играч на крилната позиција па му реков на тренерот Радовиќ да го стави детето Ѓорѓиоски. Многу ги сакаше младите играчи. Ме послуша и не згреши. Тој ден се роди големото фудбалско име на Прилеп и на Македонија”.

НАЈДОБАР СОСТАВ НА ПОБЕДА

За најдобри фудбалери на Победа додека играше Ѓорѓиоски, велеше дека тешко се определува. Но ги издвои Истатов, Мачев, А. Конески, Дрвошанов, Николоски, М. Крстески, Мирчески, Атанасоски, Ангелески, Ѓорѓиоски, Глигороски, Велкоски, Јакимоски и Т. Ѓорѓиев. Методија Крстески – Каше беше најдобриот на сите времиња – категоричен беше Ѓорѓиоски.

ГО БАРАЛЕ ХАЈДУК И ВАРДАР

Ѓорѓиоски кон крајот на 60-тите години беше во врвна форма.

– Во Загреб играа репрезентациите на Вторите фудбалски лиги исток и запад, загубивме со 0-1. Ме прогласија за најдобар играч. Ми пријде великанот на тогашниот фудбал, Бернард Вукас – Бајдо и ми понуди веднаш да пристапам во Хајдук, а за возврат вети цело богатство, стан за о семејството во Сплит и 1000 мали подобности – раскажуваше Живко.

Не прифатил, оти не можел без својот град, без  градскиот часовник, без  Победа, и Вардар по секоја цена сакал да го види во неговите редови. Имал многу понуди, но како што велеше бил врзан со папокот за Прилеп.

ОЛИМПИЕЦ

Во 1972 година, Ѓорѓиоски го облече дресот на олимписката репрезентација на Југославија, на средбата со ДР Германија на натпревар во Прилеп пред 17000 гледачи.

–  Одиграв пет-шест натпревари со олимпијците. Бев меѓу најдобрите, но што ми вредеше кога останав во Прилеп, кога не го направив пресудниот чекор кон Скопје, Белград, Сплит или Загреб… – се сеќаваше Ѓорѓиоски, кој сепак не жалеше што остана прилепчанец.

Драги Башески

Loading