ОУ “Климент Охридски”
Првачињата од 1-3 одделение од ОУ “Климент Охридски” имаа интерактивен час на отворено, посетувајќи ги историските и културните знаменитости во центарот. Во колона по двајца, за рачиња, ги разгледуваа споменикот на Марко Цепенков, патеката на славните, Участакот и Саат кулата, за кои учеле и на часовите. Тие имаа можност да го “проверат” совладаното.
Велат дека откриле поинакви видици за историјата на градот, измамувајќи насмевки кај минувачите.
Дамјан Јосифоски – Споменикот на Марко Цепенков е бел. Тој е познат оти собирал приказни и песни.
Јован Митев – Порано луѓето ги пренесувале приказните. Децата пораснувале со приказните кажувани од дедовците. А тие му ги кажувале на Марко Цепенков кој ги запишувал во книга.
Сара Дамеска – Ми се допадна најмногу Марко Цепенков кај што пишува, оти тој собирал приказни за децата. Сега сакам и да ми прочитаат некоја од тие приказни.
Бисера Цветкоска – На патеката на славните имаше имиња, презимиња и година кога се родени и кога починале некои луѓе кои направиле нешто за Прилеп.
Ања Лашкоска – Участакот е музеј. За 11 октомври пукаат со петарди и прскалки како што било порано. Сега е “поѓомитка”.
Даниел Дошлакоски – И Саат кулата се правеле во далечното минато.
Мила Лашкоска – Саат кулата мери колку е часот.
Тео Најдоски – Часовникот од Саат кулата бие. Колку пати тропа, толку е часот.
Филип Тренкоски – Саат кулата е многу висока. Горе има саат, а уште погоре, крст.
Андреа Василеска – Сега знам што претставуваат Участакот, Саат кулата, Марко Цепенков.
– Низ прошетка децата ги запознавме со спомениците претходно учени на часовите. За децата ова е возбудливо, интересно, се развива љубопитството. Со разгледување тие учат и памтат повеќе – објаснува наставничката Мартина Цветкоска Ристеска.