ДАЛЕКОВОД – ДАЛНОВОД

ivce1Во еден ден слушнавме две исти грешки кои досега не сме ги забележале. Во некаква реклама на некоја од телевизиите, една госпоѓа рекламира определени лекови. Од растително потекло биле. Зборува госпоѓата за делотворноста на тие лекови и ги препорачува како мошне квалитетни. Во еден момент вели: “Ако сакате да се решите од болките во зглобовите, земајте ги овие лекови”.

На седница на Парламентот го слушаме излагањето на една госпоѓа, пратеник. Конструктивно и аргументирано излагање. Не предизвика да го слушаме. На крајот, и таа ја повтори истата грешка како госпоѓата што ги рекламираше лековите. Искажувањето го заврши вака: “Проблемите треба да ги решаваме, а не да се решаваме од проблемот”. Двете госпоѓи го помешале значењето на глаголот РЕШАВА. Во српскиот јазик глаголот РЕШИТИ може да има и поинакво значење. Српскиот исказ РЕШИТИ СЕ НЕЧЕГА значи да се ослободиш од нешто. Кај нас не е така. Госпоѓата што ги рекламираше лековите, требаше да ни каже дека ако сакаме да се ОСЛОБОДИМЕ (не да се решиме) од болките во зглобовите, треба да ги земаме тие лекови. Пратеничката пак, сакаше да каже дека проблемите треба да се решаваат, да се бара решение, да се донесува заклучок. Тоа е добро и точно. Но, во вториот дел од реченицата, таа вели дека не треба да се РЕШАВАМЕ од проблемот. Истиот глагол таа го употребува со две различни значења. Требаше да каже дека не треба да се ОСЛОБОДУВАМЕ, не треба да го оставаме настрана проблемот. Да резимираме. Во македонскиот јазик глаголот РЕШАВА значи наоѓа решение, става крај на проблемот со определен заклучок. Оттаму произлегува именката РЕШЕНИЕ. Исто така, и придавката РЕШАВАЧКИ – РЕШАВАЧКА улога, РЕШАВАЧКИ поен, РЕШАВАЧКИ чекор и слично.

Во српскиот јазик, рековме, РЕШИТИ СЕ значи СЕ ОСЛОБОДУВА. Не треба да се мешаат двете работи.

Во информативните емисии на сите телевизии бевме информирани дека ќе се гради ДАЛЕКОВОД од Штип па до границата со Србија. За таа постројка сме биле известувани и порано. Сега првпат слушаме да се вели ДАЛЕКОВОД. Раката на срце, меѓу луѓето, во обични разговори, речиси сите велат така. Тоа и не е без некоја основа. Но, таа именка не е нормирана како таква, бидејќи се нарушува правилото за акцентирање. Ретко некој би го акцентирал со акцент на третиот слог одназад, како што гласи и правилото. Имаме прилог ДАЛЕКУ, но имаме и придавка ДАЛЕН (дално, дална), што значи ДАЛЕЧЕН. Имаме и именка ДАЛНИНА (далечина). Врз таа основа е изградена именката ДАЛНОВОД и регистрирана е како норма. Множинската форма е ДАЛНОВОДИ, а придавката е ДАЛНОВОДЕН, ДАЛНОВОДСКИ. Ќе го приведеме и објаснението во Речникот на Зозе Мургоски. Стои дека ДАЛНОВОД е систем од жици, поставени на високи столбови за пренос на електрична енергија на големи растојанија. На сличен начин може да се изведе (и веќе е изведена) именката ДАЛНОВИД (далноглед, долгоглед), спротивно на КУСОГЛЕД.  Се одбегнува ДАЛЕКУВИД (далековид) ,токму поради тоа што не може да се подведе под нашиот трисложен акцент.

Уште една грешка. Ќе пееле некаде некои девојчиња. Долу на екранот читаме: “Колку од нив ќе покажат импресивен глас, освен стас”. Дали авторите на текстот се воделе само од ритамот ГЛАС – СТАС или пак не знаеле дека именката СТАС на македонски гласи СТАВА  (рамна СТАВА, танка СТАВА). Српската придавка СТАСИТ на македонски е СТАВИТ. Еве еден стих од песната “Молитва” на Блаже Конески:

Ставити трепетни борје

До небо таму се вишат,

Тревите околу бујни

Опоен мирис дишат.

Значи, СТАВИТИ, а не СТАСИТИ.

Благоја Ивчески

Loading