УМ И ДАРБА!

Времеплов

Јове Магдески некогашен фудбалер и тренер на Победа

Nezaboraven fudbalski as - Jove MagdeskiЕдна од фудбалските легенди на Победа, која, според квалитетите што ги поседуваше требаше да заработи многу, е Јове Магдески. Наместо да прифати некоја од многуте понуди, тој остана верен на Прилеп и Победа. Дури дел од спортскиот пат го мина како тренер, откако ја заврши фудбалската кариера. Иако од име не се живее, сепак му годела популарноста и омиленоста кај публиката и младите.

– Тоа ми беше најголемото богатство. Не можев да се одделам од Прилеп. Ми беше убаво. Имам драги моменти кои не се забораваат. Но и непријатни, како мечот со Приштина, која се бореше за првото место. Водевме 1:0, а при крајот судијата досуди непостоечки пенал за домаќините и Приштина дојде до бод. Уште еден не драг момент, кога еден фудбалер ми ја скрши ногата. Бев во гол – шанса, со двете нозе ми појде во потколениците. Ме повреди, а на теренот немаше ни лекар, ниту носилки. Дрвошанов на раце ме однесе до санитетското возило – кажува Магдески, 30 години по напуштањето на зелениот терен.

Некогаш Победа буела со талентирани фудбалери од подмладокот.

– Сега фудбалот е паднат на ниски гранки, што не го заслужува Прилеп. Оскудно е времето, а и младите имаат многу предизвици за забава. Сите единаесетимина бевме како фамилија. Играв со Истатов, Дрвошанов од Струмица, Николоски, Арсов од Штип, Бадрлица од тогашна СФРЈ, Глигоровски од Охрид и Митрев од Неготино – вели Магдески.

Од шеесетината фудбалски учители кои продефилирале низ Победа, Магдески имал 24 тренери.

– Ги помнам Часлав Божиновски и Александар Петаковиќ од кои научив како се води екипа. Му должам на Кирил Анески. Тој имаше доблест да каже дека треба да играм за првата екипа во 1969 година – се сеќава осумката на Победа.

Тој не ги заборава мечевите со Напредак од Крушевац, кој на 28 натпревари имаше примено 7 гола, а од Прилеп замина со пет. Бил победен 5:2. Не ги заборава ниту победите над ОФК Београд (4:2) и Чукарички 3:1, постигнувајќи по два гола.       – Против штипска Брегалница го постигнав голот на кариерата. Мечев нафрли пред голот, стигнав пред голманот и ја зафатив топката со ножички, сместувајќи ја зад неговиот грб – се навраќа Магдески на пријатните мигови во дресот на Победа.

Магдески секогаш бил соработник, но во Манески на крилната позиција имал најдобар соиграч.

– Се “читавме” со поглед. Имавме двојно проигрување, безмилосно ги тресевме мрежите, ама подготовките ми беа слаба страна во почетокот. Со Часлав Божиновски, задоцнив два дена на подготовки, оти бев на одмор. Тој ме прими без прекор, само ми рече одмори се од патот. За возврат дента ги облеков копачките, ми се направија плускавци, па бос тренирав да докажам дека на коректниот однос се враќа со коректност. Дури таа сезона станав репрезентативец – вели Магдески.

Квалитетот го потврдил во тогашната млада репрезентација на Македонија кај Илија Игњатовски, Олимписката на Југославија кај тандемот Тирнаниќ – Топлак и во “Б” репрезентација кај Ото Бариќ.

– Одиграв 14 натпревари. Во 76 година станавме балкански прваци по победата над Грција во Солун од 0:1. Натпреварот го следеа 20.000 гледачи, а стрелец беше Томиќ од Риека на моја асистенција.             Селекторот на “А” репрезентацијата по натпреварот Македонија – Црна Гора, рече: “…видов надежни фудбалери, но само Магдески може да биде меѓу кандидатите за најдобриот национален состав” – се сеќава Магдески

Во зенитот на кариерата бев интересен за Вардар, Раднички (Н), Динамо, Хајдук, Партизан и грчки АЕК – ги наброи клубовите Магдески. При една средба со еден од менаџерите на големите клубови, Мицко Николоски му рече дека Јове нема да игра во ни еден друг клуб, освен во Победа…”.

Се збогувал од теренот со меч со Динамо од Загреб, но набрзо се вклучил во Стручниот штаб.

– Во 1986 година ја презедов младата екипа, а подоцна станав и шеф на Стручниот штаб. Три години се “војуваваше” со проблемите на клубот. И сопствени пари се даваа за неврат, но не жалам, туку се гордеам. Во првата екипа ги внесов Денис Трајкоски, Спасе Најдоски, Дарко Крстески, Тони Наумоски, Николче Јошески, Миле Тодороски, Марјан Стојкоски – Манта, Влатко Мицески, Јане Николоски, кој беше и во сигурните раце на покојниот Методија Крстески – ја привршува Магдески рекапитулацијата на фудбалскиот пат.

Жали што не настапил во “А” репрезентацијата на Југославија.

Loading