Прилепчанецот Мартин Тренески, солиста во средното музичко училиште во Битола ја одигра главната улога “ФИГАРО” (бербер) во операта “Средношколскиот бербер” која ја подготви училиштето. Станува збор за сценско поставување на операта “Севилскиот бербер” од Росини, која го добила името “Средношколски…”, оти сите учесници се воспитаници на музичкото училиште. Со својата подвижност, динамичност, и секако поставеност на гласот, нашиот Мартин достојно ја одигра улогата, која бара голема посветеност.
– Гласот што го поседувам беше “заслужен” што ја добив главната улога, да бидам “берберот”. Беше тешко да се долови главниот лик, напорно, оти не е соодветно на годините, но со вежбање, со труд, со заеднички сили, успешно се справив во одигрувањето на оперскиот лик. Често сум на сцената, но ова е сосема различно, оти е реална опера и мултимедијален проект. Тремата се совладува кога се одигрува со тим – ги пренесе впечатоците “берберот” Тренески, кој е четврта година.
– Учениците добија посилна волја, максимално да вложуваат и да блика радост на пробите. Не се опишува доживувањето со зборови, со кое едновремено и учевме. Мартин, заедно со другите таленти, успешно ја одигра и испеа главната улога – додава меторот, професорката Маја Митровска.
Тренески е еден од шеесетината прилепчани кои учат во ДМУ во Битола.